Кју Клукс Кланот најави „победничка“ парада во Северна Каролина по изборите

Кју Клукс Кланот најави „победничка“ парада во Северна Каролина која треба да се одржи во декември за да се прослави победата на Трамп на претседателските избори.

Групата го поддржа републиканскиот кандидат за претседател во април, кога нивниот анонимен „Империјален Волшебник“ ја изрази својата поддршка за поранешниот бизнисмен.

Парадата ја организираат „Лојалните бели витези на Кју Клукс Кланот“ во Пелам, на трети декември, но времето и локацијата се уште не се откриваат.

На веб-страницата на групата, меѓу пораките како „Една држава, едно знаме, еден јазик“, „Расата на Трамп ги обедини моите луѓе“, се вели дека ККК ги отфрлаат „лагите кажани за нив на либералните медиуми“.

„Ние не сме група што поттикнува омраза“, се вели во натпис на страницата. „Сепак, мразиме одредени работи кои некои групи и ги прават на нашата раса и нашата нација. Ние мразиме дроги, хомосексуалност, абортус и мешање на расите“.

Исто така, на страницата се вели дека целта на ККК е Америка повторно да стане бела, христијанска нација, создадена од Бог.

„Но, ова не значи дека сакаме нешто лошо да им се случи на потемните раси.. ние само сакаме да живееме одвоено од нив“, пишува во написот.

Трамп победи во Северна Каролина со пет отсто, државата која стана центар на радикални десничарски движења.

Кога Трамп победи на изборите, поранешниот водич на ККК Дејвид Дук напиша на Твитер: „Ова е една од највозбудливите ноќи во мојот живот – не направивме грешка, нашите луѓе одиграа огромна улога бирајќи го Трамп“.