„Ќе свириме во егзил додека мирот не ни се врати дома“

Али Фарка Туре Бенд и Теракафт се музички состави од Мали, кои заедно патуваат низ светот, ширејќи ја својата порака за мир на „Фестивалот во егзил“. На нивниот Караван на мирот свиреле со Роберт Плант, Боно, Дејмон Албарн, Басеку Кујате и многу други насекаде низ светот, а една од станиците на нивното патување викендов беше и Д Фестивал во Дојран.

Али Фарка Туре бенд е состав на музичари кои патувале низ светот со легендарниот зачетник на малешкиот блуз, чие име го носат. Меѓу нив е и пејачот Афел Бокум и „мајсторот на гитара“ Махмаду Кели. Со нив патуваат и Теракафт, пионери на пустинскиот рок и нов проект на неколку основачки членови на култниот бенд Тинаривен.

Како народ кој е особено горд, но и сплотен поради својата музика, овие бендови живеат за да свират. До пред пет години го држеле во живот Фестивалот во пустината, настан на кој различни народи доаѓале да уживаат во корените на блузот и да дознаат повеќе за кулутрата на Туарезите и другите народи на северот на Мали, сред Сахара. Но, со разорната војна, исламскиот екстремизам и сиромаштијата, дошла и тишината. Фестивалот сега е во егзил, а со својот караван тие ги носат и звуците на пустината.

„Фестивалот во пустината произлезе од традиционалните собири во Мали на луѓето кои живеат на север. Пред 16 години решивме да организираме фестивал на кој поканивме уметници од сите страни на светот. Успеавме заедно да направиме прекрасен настан, сред Сахара“, раскажуваат музичарите.

Пред 15 години, кога започнал фестивалот, идејата била да се сели на различно место секоја година. Но, така било само првите три години. Потоа, бидејќи многу луѓе биле заинтересирани да дојдат, музичарите одлучиле да го постават на едно место близу до Тимбукту. Година по година, се случувал на истото место, цели 10 години.

„Овој фестивал стана многу познат и им посака добредојде на многу луѓе од сите страни на светот, кои се запознаа со жителите на пустината и нивната култура. Сево ова беше возможно до 2012, кога започнаа воените судири во Мали. Затоа сега фестивалот во пустината е претворен во фестивал во егзил – војната нè натера да ја шириме нашата порака на мир насекаде низ светот. Тоа е нашата мисија“, вели Афел Бокум.

Во Мали, објаснува, има нетрпеливост и разлики помеѓу луѓето од северот и југот, па фестивалот понудил можност да се размешаат различните луѓе поради музиката.

Во Мали повеќето луѓе го почитуваат исламот како религија, но се мирни. Начинот на кој ја практикуваат својата вера е мирен и слободоумен, велат музичарите-номади.

„Но, почнаа да доаѓаат луѓе на северот на Мали и ја забранија музиката, танцот и забавата. Дозволија исклучиво сериозен и екстремистички ислам. Секако, тоа во Мали не е возможно, на нашите луѓе музиката им е во наравот. Но, војната е многу моќна“, објаснуваат.

Велат дека станало невозможно за нив да танцуваат и свират понатаму во северен Мали. Затоа, денес се на пат и сакаат да раскажат дека повеќето од луѓето во Мали ја делат музиката, танцот и мирот.

„Затоа и фестивалот беше толку позитивна работа, поради многу причини. За музика, за сплотеност, за мир, но беше и одличен начин да се отворат работни места за народот и да заработат во овие отсечени области на Африка. Затоа, кога ова се случи, многу пријатели низ светот рекоа дека не можат да нè остават сами, па нè поканија да свириме насекаде. Без разлика дали е Париз, Њујорк, Амстердам, вчера во Италија, денес и во Македонија и насекаде во светот, нашата идеја е да патуваме и да кажеме дека музиката е прекрасна и моќна во Мали и сакаме да ја покажеме на целиот свет“, велат.

Дополнуваат и дека им е многу важно да бидат поканети насекаде низ светот, но она за што сонуваат е еден ден да се вратат во Тимбукту, од каде што тргнале.

Али Фарка Туре Бенд на Д Фестивал

За тоа колку на жителите на Мали им значи музиката, кажува фактот дека многумина од нив свират на електрична гитара, а немаат ниту струја. Бокум, сега светски познат гитарист, некогаш бил дете од селото Ниафунке кое гитарата ја поврзувало со акумулатор на автомобил.

„Потекнувам од Ниафунке, каде не е лесно да се најде струја. Но, ниту тоа не може да те спречи да научиш да свириш електрична гитара, кога музиката ти излегува од срцето“, вели Бокум.

Џара, гитаристот на Теракафт, вели дека свирењето за нив е потреба, иако им го забраниле во Мали.

„Ќе продолжам да свирам бидејќи тоа го правам цел свој живот и ова е мојот начин да се борам за мир и еднаквост“.

Нивниот Караван за мир започна годинава. Досега посетил 10 градови, почнувајќи до Бамако во Африка, па потоа низ САД и Европа. Веќе е испланирана и наредната година, а Фестивалот во егзил планираат да го однесат насекаде низ светот. Велат дека ќе трае сè додека мирот не им се врати дома:

„Не знаеме ни дали некогаш ќе има мир. Ситуацијата е многу комплицирана, никогаш не знаеме што се случува. Има џихадисти, банди, сиромаштија, дрога, сешто се случува во Сахара денес. Само зборуваме за мир, а не знаеме кога ќе дојде. Затоа, караванот ќе трае додека треба“.

Али Фарка Туре, чие име и го носи едниот од бендовите, за нив е икона, зачетник на туарешкиот блуз и човекот поради кој оваа музика денес е популарна низ цел свет. Покојниот музичар, еден од ретките од осиромаштените африкански краеви кој има три Греми награди и соработувал со врвни џез и блуз музичари, велат дека сè уште денес живее преку нив – поради неговата музика, но и поради начинот на кој го сплоти малото село Ниафунке и различните народи од Мали со целиот свет.

Стефанија Тенекеџиева