Ќе се укинува Законот за придонеси за хонорарците

Ќе се укинува Законот за придонеси за хонорарците. Предлогот помина вчера на владина седница, јавува МЕТА.

Според министерот за финансии Зоран Ставрески, укинувањето на плаќањето на придонесите на хонорарците, се прави од причина што „со други мерки на Владата на Република Македонија се исцрпеа ефектите кои што беше предвидено да се постигнат.“

„Во последниот период се реализираше проектот „Македонија вработува“ каде што имаме мерка која што овозможува ослободување во период од 1-5 години од плаќањето на придонеси на лица кои што ќе бидат вработени во приватниот сектор. Со тоа практично околу 4000 лица во Република Македонија веќе се имаат стекнато со редовен работен однос и за истите се плаќаат придонесите и за пензиско и за здравствено осигурување, додаде Ставрески“,- објасни денеска министерот за финанси Зоран Ставрески,

Измените на законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, а кои се однесуваа за хонорарците, стапија на сила од 1 јануари, 2015 година. Со нив, беше предвидено хонорарците да плаќаат околу 35 проценти за пензиско и здравствено осигурување од остварениот приход по основ на договор на дело, авторски договор или друг вид на договор со кој се остварува надоместок.

Голем број на здруженија, организации и граѓани протестираа против овој закон и незадоволството го изразија на улица. Сметководителите од друга страна реагираа на конфузноста и забуните кои истиот ги предизвика при реализација во пракса.

По овие реакции, законот претрпе измени и дополнувања, со тоа што невработени лица требаа да плаќаат 35 проценти на сумата остварена над минималната плата од 9.540 денари, а вработените за остварена сума хонорари поголема од просечната плата.