Ќе се решава проблемот со 3000 лица што ги нема во Матичната книга на родени

Во неколку фази ќе се решава проблемот со околу 3000 лица кои не се евидентирани во Матичната книга на родени, нотиран уште во 2011 година.

Како што соопштија од Министерството за труд и социјална политика, утре Управата за водење на матични книги ќе отвори огласот за пријавување на овие лица на  територија на Република Македонија. Пријавувањето ќе трае 6 месеци. Во текот на овој период паралелно ќе се направат измени во Законите за вонпарнична постапка, Законот за матична евиденција и Законот за лични карти, живеалиште и престојувалиште.

Во меѓувреме е најавено дека ќе се подготват и обучат матичните служби, центрите за социјална работа и граѓанските организации кои го поддржуваат овој процеси, со цел да им се обезбеди навремена услуга на засегнатите граѓани.

По завршување на сите фази ќе се утврди точната бројка на лица неевидентирани во матична книга на родени. Тие ќе добијат привремен регистарски број со кој ќе добијат одредени права во делот на здравствена и социјална заштита и образование.