Кинотека на Македонија реагира на обвинувањата на Манчевски

Кинотека на Македонија со соопштение реагира на обвинувањата на режисерот Милчо Манчевски дека одбива да ги прати неговите филмови во Шангај.

Реакцијата на Кинотека ја пренесуваме во целост:

Кинотеката би сакала да ја запознае јавноста со неколку работи, кои во соопштението на „Банана филм“ испратено до медиумите, а зад кое соопштение веројатно стои самиот режисер Милчо Манчевски, ги премолчува или намерно ги пренебрегнува.

Во 2015 година, со целосна финансиска поддршка на Министерството за култура, беа дигитализирани четирите играни филмови на режисерот Милчо Манчевски.

На негово барање, дигитализацијата беше направена во лабораторијата на ARRI во Минхен. Значи, ниту еден „странски партнер“ не дал финансиски средства за дигитализација на неговите филмови.

Понатаму, во соопштението се наведува „Ни најмалку не ме изненадува што Кинотеката не сака да ги прати моите филмоиви… Не им е прв пат…“. Би сакале во оваа прилика да го потсетиме г-динот Манчевски, и да ја информираме пошироката јавност, дека Кинотеката на Македонија, секогаш кога беше побарано од неа, таа ги испраќаше неговите филмови на фестивалите ширум светот. Овде би споменале само неколку: DCP копија од филмот „Пред дождот„, мај 2015 година во Тајпеј, DCP копија од филмот „Пред дождот„, јуни 2015 година во Нови Сад, DCP копија од филмот „Мајки„, август 2015 година во Локарно, DCP копии од филмовите „Прашина„, „Сенки„ и „Мајки„, септември 2015 година во Торонто. И на крај, но не помалку важно, во јануари 2017 година Кинотеката испрати 35 мм. филмска копија од филмот „Пред дождот„, на фестивал во Норвешка.

Уште еднаш би сакале да го потсетиме г-динот Манчевски дека Кинотеката на Македонија, секогаш кога било побарано тоа од неа, ги ипраќала неговите филмови.

И сега за, како што се вели во соопштението, „скандалозното однесување на Кинотеката на Македонија, која одбива да ги прати филмските копии во Шангај…“.

По завршувањето на целокупниот проект за дигитализација на неговите играни филмови, г-динот Милчо Манчевски инсистираше Кинотеката на Македонија да му достави копии од неговите филмови, како би можел тој самиот да ги испраќа филмовите таму каде што тој сака и каде што тој мисли дека треба да се прикажуваат.

Поради тоа, во компанијата ФХ3Х во Скопје, беа направени копии од бараните материјали, повторно со финансиска поддршка на Министерството за култура. Како резултат на ова барање на г-динот Манчевски, на 12 декември 2015 година, а во присуство на г-ѓата Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, како негов претставник, му беа предадени 4 LTO ленти со сите материјали, како и 4 хард дискови со DCP фајли од сите негови филмови.

Во месец март 2017 година, добивме барање за „асистенција во врска со прикажување на филмовите „Пред дождот„, „Прашина„ и „Мајки„ на меѓународниот фестивал во Шангај“, од г-ѓата Татјана Ќурчинска Пепељугоска, при што Кинотеката беше замолена „да излезе во пресрет (?!?) во врска со испраќање на филмовите“.

Во неколкуте преписки со г-ѓата Ќурчинска Пепељугоска, како и со режисерот Манчевски, а и во неколкуте лични телефонски контакти, беше взаемно констатирано дека Кинотеката достави DCP копии до режисерот Манчевски, токму од тие причини, тие, дали Манчевски или Ќурчинска Пепељугоска да ги испраќаат филмовите каде треба.

Уште повеќе, Кинотеката, во оваа комуникација понуди и помош доколку тие имаат некакви технички, или други проблеми, да им излезе во пресрет. Бидејќи, од нивна страна не беше посочен било каков проблем, ниту побараа било каква помош, остана на тоа дека тие имаат копии од филмовите и тие ќе ги испратат.

Како што може да се забележи, во 2015 година, до предавањето на копиите на г-динот Манчевски, Кинотеката во неколку наврати ги испраќаше неговите филмови.

Се до последното барање за Шангај, односно речиси година и половина, до Кинотеката нема доставено барање за прикажување на дигиталните копии на неговите филмови. Зошто во овој период нема барање до Кинотеката, тоа може да одговори само режисерот Манчевски. Уште повеќе, Кинотеката, на сопствена иницијатива, во меѓувреме прикажувала некои од неговите филмови, се разбира, со претходна дозвола од режисерот Манчевски.

Кинотеката на Македонија, како што може да се види, имала значајна улога во претставувањето на нашиот амбасадор на културата во светот, и затоа мислиме дека не заслужуваме да бидеме наречени „шпедитери“, особено што директорот на Кинотеката никoгaш на г-динот Милчо Манчевски не му рекол дека „Кинотеката не сака да биде негов шпедитер“.