Кино Милениум започнува со работа на „Бела ноќ“, бесплатно ќе се прикажува „Ослободување на Скопје“

Градското кино „Милениум“ од 1 октомври започнува со редовен репертоар по три недели „принуден одмор“, откако беше оштетен плафонот поради земјотресот. Киното се враќа во функција токму за „Бела ноќ“, па поради тоа, бесплатно ќе се прикажува македонскиот кандидат за „Оскар“ „Ослободување на Скопје“ на Раде Шербеџија, кој првично требаше да се прикаже ден по отворањето на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.

„По официјалната премиера, ексклузивно, во договор со продуцентскиот тим на филмот, „Бела ноќ“ во согласност со традицијата ќе има бесплатни проекции на „Ослободување на Скопје“ од полноќ, 00:00 часот, 02:00, 04:00, и 06:00 часот“, соопштија од „Милениум“.

Билети за бесплатните проекции може да се подигнат од билетарницата на киното“, почнувајќи од утре од 10 часот. Еден посетител може да подигне најмногу два билета.
Од МКЦ, пак, информираат дека поради ниските ноќни температури, најавеното кино под отворено небо на Школката во Градскиот парк се откажува до следната подобра прилика.