Кинески милијардер започна најголем натпревар за образование со награда од осум милиони долари

Кинески технолошки милијардер го отвори највредниот натпревар за образование – Наградата Јидан, која изнесува околу осум милиони долари. Наградата ќе се доделува на два истражувачки проекти кои имаат потенцијал да го „трансформираат“ глобалното образование.

Чарлс Чен Јидан, ко-основач на кинеската интернет компанија Тенсент, сака да ја искористи наградата за да го зголеми размерот на иновативни образовни истражувачки проекти и да ги искористи насекаде низ светот.

Универзитетите, владите и „тинк тенк“ организациите реагираат ентузијастично на наградата, а водечките американски институции како Харвард и МИТ веќе аплицирале со неколку номинации.

Но, победникот не мора да биде значајно име во високото образование. Дури и локален проект може да ја освои наградата, доколку се покаже дека откритието е ефективно.

„Се додека идејата може да се примени и во други региони, може да им ја дадеме наградата“, вели Чен.

Чен, кој има 45 години, стана еден од најбогатите луѓе во Кина откако ја формираше Тенсент во 1998 година. Во 2013 даде отказ од компанијата, за да се фокусира на образовната филантропија.

Неговиот интерес во образованието го добил од семејството. Баба му била неписмена, но инсистирала таткото на Чен да има добро образование.

Милијардерот студирал применета хемија на Универзитетот Шенжен, а магистрирал на економија на Универзитетот Нанџинг.

Неговата филозофија за образованието е формирана и од „огромниот притисок“ кој го чувствувал додека учел за приемните испити за високо образование во Кина, наречени „гаокао“.

Затоа, го основал Колеџот Вухан, приватен универзитет во Кина, кој се фокусира „целосен развој на личноста“ наместо на традиционално учење и испити.

Но, проблемот е во тоа што неговиот колеџ има ограничен капацитет. Затоа решил да постави глобална награда за образование, мислејќи дека тоа е најдобар начин да се подобри образовниот процес за милиони млади луѓе.

Процесот за номинирање завршува во март, а победниците ќе бидат објавени во септември.