Кина ќе ги забрани универзитетските учебници кои промовираат западни вредности

Кинескиот министер за образование изјави дека ќе ги забрани универзитетските учебници кои промовираат „западни вредности“. Ова како што пренесуваат медиумите е уште еден потег на кинескиот претседател Кси Јинпинг за идеолошка контрола.

„Никогаш не дозволувајте учебници кои промовираат западни вредности да се појават во нашите предавања“, рече министерот Јуан Гирен, според кинеската новинска агенција Ксинхуа.

„Забелешките кои го клеветат раководството на Комунистичката партија на Кина и социјализмот не смеат да се појават во универзитетските училници“, додава тој.

Универзитетите во Кина се предводени од Комунистичката партија која цврсто ги контролира дискусиите за историја и некои други слични теми кои ги смета како потенцијална закана за својата власт.

Кина ги заостри контролите врз академците откако Кси ја презеде одговорноста врз партијата во 2012 година кога неколку професори беа отпуштени од работа или беа испратени во затвор.

Сјиа Јелианг, професор по економија на престижниот Универзитет во Пекинг, беше отпуштен од функцијата во 2013 година, поради постојани повици за политички промени во Кина. Тој е еден од оригиналните потписници на петицијата за реформи „Повелбата 08“ чиј главен автор е Лиу Ксиаобо кој остана во затвор и по освојувањето на Нобеловата награда за мир.

Кина значително го прошири својот образовен систем со својот раст на економијата со што вкупниот број на универзитети и колеџи е двојно поголем од оној во изминатата деценија.

Но, голем дел од децата на политичката и бизнис елитата во земјата сакаат да учат во некоја од институциите во САД и Европа вклучувајќи ја и ќерката на претседателот Кси, која наводно во 2010 година студирала на Универзитетот Харвард.

Извор: The Guardian