Кина го претстави новиот „автобус на спрат“ за справување со сообраќајниот метеж

Како најнаселена земја во светот, Кина има голем проблем со сообраќајниот метеж, особено во поголемите градови, како Пекинг и Шангај. За да се справат со овој проблем и да го зголеми ограничениот простор на асфалтот, врвни инженери во земјата како можно решение го претставија транзитниот автобус на спрат (ТЕБ), за време на 19 Меѓународен саем за технологија во Пекинг.

Автобусот е на електричен погон и вози по шини, високо над земјата, така што автомобилите може да се движат под него како низ тунел. Тој треба да превезува патници од станица до станица, независно од сообраќајот на патиштата. Секој автобус има капацитет од 1.200 патници.

Во едно идеално сценарио, ова возило треба да го олесни сообраќајниот метеж во Кина, да го зајакне системот за јавен превоз и намали загадувањето.

Според Баи Зиминг, инженер задолжен за проектот, овој нов начин на транспорт функционира на сличен начин како метрото, но е поевтин и изградба на системот може да се заврши во една година.

Сепак, се уште остануваат прашањата за тоа колку е безбедно користењето на овој автобис, со оглед на тоа што во сообраќајот освен автомобили, се користат и високи и тешки возила како што се камиони и комбиња. Од компанијата што стои зад проектот најавуваат ригорозни тестирање во втората половина на оваа година. Тестовите се планира да се одржи во град во североисточниот дел на провинцијата Хебеј во Кина.