Катастрофална политичка неписменост на хрватските матуранти

Истражувањето „Политичката писменост на учениците од завршна година на средните училишта во Хрватска“, спроведено врз репрезентативен примерок од 1146 матуранти покажало поразителни резултати и катастрофално незнаење на хрватската младина, јавува порталот Индекс.

Истражувањето, спроведено од неколку невладини организации и од Институтот за општествени истражувања, открило дека речиси половина од младите Хрвати веруваат дека хомосексуалноста е вид на психолошко пореметување и дека на луѓето со таква сексуална определба би требало да им се забранат јавните настапи, затоа што со нив хомосексуалците лошо делуваат врз младите.

Дури три четвртини од испитаниците сметаат дека Независна Држава Хрватска (НДХ), која постоела од 1941 до 1945 година, не била фашистичка творба. 40 проценти од матурантите, пак, цврсто се противат на какво било гонење на хрватските воени ветерани за злосторства направени за време на војната во оваа земја во 90-те години.

Неверојатни 73 проценти од младите кои учествувале во истражувањето не знаеле кој е премиер на нивната држава, дури и кога им бил понуден избор од четири имиња. Само 19 проценти знаеле кои партии ја сочинуваат актуелната владејачка коалиција во земјата. Помалку од половината испитаници (43 проценти) знаеле кога се одржани првите повеќепартиски избори во Хрватска.

Младите Хрвати во голем процент одговориле дека се религиозни, но покажале и сериозна наклонетост кон некои верски и националистички стереотипи. 40 проценти од испитаните матуранти сметаат дека само луѓето кои се католици по вера се „вистински Хрвати“, како и дека Хрватска има побогата традиција од повеќето други држави и народи.

Најголем степен на толеранција матурантите покажале кога се во прашање другите вери, раси и нации. Половина од испитаниците, пак, не се сложиле со тврдењето дека мажот треба да биде тој што треба да заработува и да го прехранува семејството.