Како македонската Твитер заедница ги дочека 280-те карактери

Твитер соопшти дека дуплирањето на ограничувањето од 140 на 280 карактери по твит отсега е достапно за сите корисници на социјалната мрежа, откако изминатите два месеци оваа опција беше тестирана на ограничен број „твитерџии“.

Тест-периодот беше со цел Твитер да увиди дали овозможувањето подолги твитови ќе го намали „трупањето“ зборови и ќе придонесе корисниците подобро да можат да се изразат.

Од формирањето во 2006-та година, Твитер ги имаше ограничено корисниците на 140 карактери по твит.

Промената внесе загриженост кај дел од твитер заедницата дека зголемениот број карактери ќе има негативен ефект врз концизноста во користењето на оваа социјална мрежа.

Дуплирањето на дозволениот број карактери од 140 на 280 е достапно на сите јазици освен кинески, јапонски и корејски, каде „трупањето“ зборови не е проблем бидејќи на овие јазици секој карактер може да содржи повеќе информации.

Македонската Твитер заедница последниве 24 часа е со поделени мислења за новото ограничување на 280 карактери. Некои корисници не ја поддржуваат промената, некои си твитаат по старо, дел саркастично се потсмеваат со новата опција, додека дел се среќни што имаат повеќе простор да го изразат своето мислење. Сепак, без разлика од тоа на која страна се наоѓаат, скоро целата македонска твитер заедница имаше свој коментар на оваа тема. Во продолжение пренесуваме некои од повпечатливите твитови од Македонија.