Како Балканот ги решава проблемите во образованието

Имавме национална визија за подобро проучување, вреднување и организација. Таа визија е многу важна. Не живееме во Северна Кореја, ниту во некое друго време, туку во 21 век. Образовниот систем не може да ги развива младите луѓе. Системот треба да обезбеди средина каде младите ќе ги развиваат потенцијалите, кои се прилично различни. Некои млади луѓе ќе бидат програмери, други фризери, доктори, некои чистачи, готвачи… За сите нив, системот треба им да ги препознае потенцијалите. Тоа е систем и општество каде младите луѓе почитуваат други, различни луѓе. Ја почитуваат добрината на луѓето. Младите луѓе активно допринесуваат за заедницата, рече професорот Борис Јокиќ на конференцијата за образование на УНИЦЕФ.

Настанот „Квалитетно образование –  за раст, резултати и подобра иднина“ понуди можност на едно место да се слушнат различни пракси, реформи и предизвици во образованието од повеќе држави на Балканот. Сето со цел да се извлече искуство и подобри квалитетот на образовниот систем.

Според Борис Јокиќ, во земјите во регионот се запазува секој текст, збор, секоја буква. Ова се земји со неверојатни убавини, архитектура и природни богатства кои доаѓаат да ги видат луѓе од Нов Зеланд, Кина или Америка. Сепак, вели тој, луѓето кои ги водат овие земји го занемаруваат клучниот потенцијал – човечкиот. Односно, „27 години се продава приказната за минатото, а политичарите не вложуваат во учениците“.

Зборувајќи за Хрватска, увиделе дека досегашниот систем бил недоволно ориентиран, не се знаело што точно бараат од децата како држава која претендира кон цивилизиран свет. Не постоела кохерентност меѓу програми, градинка и основно училиште, меѓу предметна и одделенска настава, меѓу средно и високо образование.

„Оттука, курикуларната реформа важеше од градинка до крај на средното образование. Направена е на иновативен начин. Не е филм, ниту цртан филм. Во неа беа повикани луѓе од било кој дел од Хрватска, од повеќе градови и села, да учествуваат. Сите беа избрани на јавен повик. Се правеше комбинација од еднакво вредни перспективи – од пракса и од академската заедница. Реформата вклучуваше и повеќе од 300 наставници, кои една година посветија само на реформата. Значи, еден широк консултативен процес од над 1.000 лица, без учество на политиката“, вели тој.

Овие реформи произлегле од визијата дека во општеството се важни повеќе работи, меѓу кои и идентитетот. Младата личност да знае дека е од Далмација, Сплит или Скопје, но, вели тој, да знае дека е и граѓанин на Европа и на светот. Исто така, визија темелена на одговорност наспроти неисполнување на ветеното. Потоа, солидарност, но и интегритет наспроти лицемериете од академската заедница, политичкиот или од црковниот свет.

Борис Јокиќ

„Тука влегува и почитувањето кон сите, но и кон себе. Влегува и здравјето како основен ресурс на здравјето на заедницата. На крајот – претприемништвото. Не ова евтино и балканско, да купиш и продаваш, да лапнеш нешто на основа на познанство, туку претприемништво со кое секој млад човек и наставник ќе се активира, ќе препознае прилика и презема разумен ризик. Во таквото општество и со овие вредности, во училиштата треба да се решаваат проблемите и донесуваат одлуки. Тоа е систем кој ќе ги учи децата како да учат. Како критички да мислат. Како да бидат креативни и иноватни. Систем каде ќе употребуваат различни јазици – симболични, семантички или програмски“, објаснува Јокиќ.

Биле изработени голем број предлог-курикуларни документи, но и рамки за вреднување, за работа на деца со попречености и за талентирани ученици. Реформите ги поддржале работодавачи, синдикати, општа голем дел од јавноста. Сепак, овој процес запрел на 25 мај 2016 година. На 1 јуни се случи вториот најголем протест во историјата на Хрватска, и тоа „ЗА“ образовна реформа. Луѓе излегле на улици во 20 градови.

„Да направиме општество кое е чесно, храбро, солидарно. Замислите тако општество кое ќе се обиде да проба, ќе пропадне, па ќе се обиде повторно, ќе успее. Вие во Македонија немате ништо да изгубите, како и ние во Хрватска. Само памет во глава, хуманото можеби одамна го изгубивме“, констатира професорот.

Славко Габер, вонреден професор по социологија на образованието во Словенија, смета дека квалитетот на образованието е поврзан со иднината на нашите образовни системи. Словенија не е толку богата земја, за да имаат наоѓалишта на нафта и слично. Тие се само два милиони жители, но, нагласува тој, Владата одлучила образованието да биде приоритет.

„Најважно беше да се позанимаваме со квалитетот на наставниците. Тоа е од клучна важност, мора да го оствариме, во спротивно нема успех. Сепак, тоа не е се’. Бевме смесни дека ако имаме една кохерентна национална стратегија, тоа ќе значи кохерентна политика за образование во земјата. Подобро е да потрошиме повеќе месеци за да направиме сеопфатна стратегија, а во неа да бидат вклучени сите чинители“, нагласува Габер.

Славко Габер

Според него, училиштата се многу почитувани во Словенија. Само семејството е повеќе почитувана институција од училиштето. Таквата почит се однесува и на министерствата, и на наставниците, и на нивните плати. На крајот на краиштата, нагласува Габер, треба да се знае дали се вреднува работата на наставниците.

„Ако наставниците на работните места дискутираат за образовни прашања, нови нешта, за идеи, тоа е во ред, но ако почнат да зборуваат за своите плати – тоа кажува колку работите одат во погрешна насока. Така сте ја изгубиле битката. Тогаш имате голем проблем“, смета професорот Габер.

Исто така, нагласува, понекогаш во образованието работите прекумерно се одредуваат со закон. Проблематични се честите законски измени. Во однос на издвоените средства, Словенија своевремено во образованието ннвестирала 6,1% од БДП.

„Мислам дека никој не треба да инвестира под 5,5%. Треба да се запрашате, дали ако го зголемиме на пример буџетот за одбраната, дали на сметка на тоа да се намали буџетот за образование? Во рамки на ЕУ, тоа ќе ви дoнесе штета. Исто така, слеп е пристапот доколку барањата на образованието ги оставиме само на пазарот на трудот“, смета тој.

Ја разгледал и домашната Стратегијата за образование за 2018 – 2025. Се согласува со дел од идеите, иако има и забелешки.

„Кој период го опфаќаат авторите на оваа визија? Кои интервенции да се направат? Дали ги земале предвид годините и промените кои веќе се случуваат во Македонија? Постојат вистински предизвици за децата што следната година ќе станат првачиња. Тие деца целиот образовен процес ќе го завршат по 2035 година. А, оваа стратегија се однесува само до 2025. Тоа значи, вашата стратегија се однесува само на минатото“, вели Габер.

Бранислав Ранѓеловиќ, директор на Заводот за вреднување на квалитетот на образованието и воспитанието од Србија, зборуваше за нивниот т.н. „share“ (сподели) систем. Тоа е систем на хоризонтално учење и споделување, започнат пред две години.

Пред се’, започнале со проектот бидејќи добиле многу слаби резултати на меѓународните тестирања ТИМСС и ПИСА, слично како Македонија.

Бранислав Рангеловиќ

„Па, рековме, како да го подобриме квалитетот на образование? Пред се’, размислувавме дека ќе биде многу добро за училиштата да ги употребат препораките од екстерните оценувачи. Меѓутоа, наставниците обично велат ‘никој друг не знае подобро од наставниците’. Требаше да развиеме и поддршка за образовните установи и, притоа, сакавме да вклучиме механизам за размена на искуства и практики меѓу 10 училишта со добри и 10 со послаби оценки. Пристапот за хоризонтално учење се покажа ефективен. Училиштата си помагаа, соработуваа за да се имплементираат нови програми, да се зајакнат менторства и капацитети“, вели тој.

Директорката на Институтот за развој на образованието од Албанија, Дорина Рапти смета дека образовниот систем низ земјите од регионот е сличен. Тие од 2014 година се фокусираат на предуниверзитетското образование. Најмногу во три насоки – курикулумите, настава и учењето, но и оценувањето на достигнувањата на ученикот. Последново според неа е главен сегмент од ова образование.

„Сакаме луѓето кои се подготвуваат да живеат во 21 век, да бидат луѓе што размислуваат со сопствен ум. Да истражуваат, а не да го репродуцираат она што им кажуваат другите. Тоа веројатно беше основата за да се измени досегашната понуда. Училиштата да нудат програми согласно промените во општествто, економијата, пазарот на трудот. Тешко да се има целосна хармонизација на сите системи, меѓутоа реформите во образованието не се реформи каде веднаш се гледаат резултатите, после месец-два. Потребно е време за фидбек“, забележува таа.

Дорина Рапти

Нагласи дека во Албанија има 35.000 наставници, а обуки се вршела скоро на сите. Ова се однесува на наставници во население од над 2.8 милиони. За компарација, според Државниот завод за статистика, во Македонија за учебната 2016/2015 имало вкупно 25.307 наставници во основното и средно образование.

За да развијат курикулуми, Албанија морала во секој предмет да разработи компетенции кои ќе ги направат учениците отпорни на времето. Односно да служат низ цел живот, а не „од денес за утре“.

„Составени се од знаења, способности и вредности, но потоа децата треба да ги докажат своите способности во секојдневието. Вистинската содржина е во реалниот живот. Да ги научат за себе, а не затоа што ‘така вели наставникот’. Поврзани се и со вештината на изразување, творење, на претприемништво, дигитално граѓанство…“, нагласува Рапти.

Бојан Шашевски

Фото: УНИЦЕФ

*Текстот е објавен во склоп на проектот „На час“, чии активности се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.