Кајакари пловеа во знак на протест против изградбата на хидроенергетски проекти во Националниот парк „Маврово“

Во изминативе два дена, Интернационалната алијанса составена од кајакари, екологисти и локални жители организираа акција на Радика и Мала река во Маврово против изградбата на планираните две големи (Бошков Мост и Луково Поле) и над 15 мали хидроелектрични централи. Акцијата беше организирана во рамки на Турнејата по балканските реки, каде 35 дена, кајакари од различни земји пловат по прекрасните и најзагрозените реки на Балканот, со цел да се привлече внимание за сериозната закана од спроведување на хидроенергетските проекти.

Предводена од поранешниот словенечки олимписки спортист Рок Розман, турнејата започна на 16 април на Сава во Словенија, а ќе заврши на 20 мај во Тирана, Албанија.

„Реките се од суштинско значење не само за животинскиот свет, туку и за самите жители. Балканските чисти реки имаат одличен потенцијал за зајакнување на одржлив социо-економски развој, особено во Националниот парк „Маврово“. За оваа цел реките треба да останат недопрени! Риболовци, кајакари, екологисти – сите ние мора да ги здружиме силите за да се спречи овој наплив на брани во Маврово како и на целиот Балкански Полуостров”, изјави Рок Розман, организатор на Турнејата по балканските реки.

Од 2013 година, плановите за спроведување на хидроенергетски проекти во Маврово се предмет на жалба пред Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција.

“На 35 состанок во декември, 2015 година, во Стразбур, Комитетот усвои препорака за суспендирање на сите хидроенергетски проекти на територија на Националниот Парк „Маврово“. Оваа препорака беше поддржана од независните експерти ангажирани од страна на Комитетот, чиј главен заклучок е дека спроведување на планираните хидроенергетски проекти во паркот не е компатибилно со статусот на заштита на паркот, неговите високи еко-системски вредности и видови, така што плановите за имплементација на проектите треба да бидат напуштени“, објасни Александра Бујароска од Фронт 21/42.

Следејќи ја препораката на Бернската Конвенција, Светска Банка се откажа од планот за финансирање на проектот Луково Поле. Сепак, препораката од страна на Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција не беше доволно јасна за Европската банка за обнова и развој и проектот Бошков Мост е сѐ уште во тек, велат од организацијата. Независни експерти за Бернската конвенција сметаат дека планот за проектот Бошков мост, мора да биде напуштен сѐ додека статусот на зачувување на популацијата на Балканскиот рис се врати на безбедно ниво и Националниот парк „Маврово“ веќе не е единственото познато јадро за репродукција на овој вид.

„Комитетот испрати недвосмислена порака до Македонската Влада и сите кои се вклучени во овој проект дека заштитените подрачја се заштитени со причина. Европската банка за обнова и развој согласно оваа препорака треба да го откаже финансирање на проектот. Дополнително, спроведувањето на малите хидроенергетски проекти на територија на паркот продолжи и покрај препораката за суспендирање од Бернската Конвенција. Со ова Владата на Македонија директно ја прекршува Бернската Конвенција.”, изјави Весна Илиевска Утевска од Еко-свест.

Тереза Шилер од Фондацијата EuroNatur ги повика сите финансиери да се повлечат од хидро-енергетските проектите во паркот.

„Од Владата на Република Македонија, се очекува спроведување на препораката од Бернската конвенција. Изградба на хидроенергетски проекти во рамките на Националниот парк Маврово е во потполна спротивност со целите на заштита на паркот”, изјави Шилер.

Тимот на „Синото срце на Европа“ и локалното население најавија дека ќе продолжат во борбата за зачувување на Маврово.