[Рецензија] Радио МОФ @ MOT – Каде е револуцијата, стоко?

Вреди ли да се жртвува комфорот во име на уметноста и слободата на изразување? Вреди ли неконформизмот да се замолчи и загуши, и да се продаде за вредностите кои нé прават робови на системот? Ова се прашањата кои „А каде е револуцијата, стоко?“ ги одговори, пркосејќи ѝ на цензурата со демонстративна автоцензура.

„Слушнете. Ова е звукот на тишината. Театарската тишина, која е глас на малите луѓе“, беа зборовите на нараторот на претставата. Токму така звучи цензурата и интелектуалната сопственост, кои креаторите на оваа брилијантна, експресивна и храбра претстава не ги признаваат. За нив, културата и уметноста немаат архивски број, вредност и сопственик, туку им припаѓа на сите, сочинувајќи една голема културна бавча. Оваа мултимедијална и документарна претстава, во која зборовите се пејат или читаат на платно поради цензурата, е мртва – како и стишената културна револуција на 90-тите.

Преточувајќи ја во едно сеопштата војна против цензурата, национализмот, конзумеризмот и фашизмот, транзициските проблеми на постјугословенската младина, кичот и шундот и приватизирањето на културното богатство, „А где је револуција, стоко?“ е експресивна и крајно демостративна „претстава во претстава“, која на публиката ѝ ги покажува последиците на автоцензурирањето, токму со автоцензура.

Приказната е раскажана преку песните од култниот југословенски албум „Пакет-аранжман“ од 1981 година, кои одбележаа една генерација. Од иконите на „бесмислениот рокенрол кој е бесмислено заштитен со авторски права, од држава и продукциска куќа кои веќе не постојат“, ги премолчаа деловите кои не се изменети, за да покажат колку е уметноста оштетена од авторските права. Актерите на Монтажстрој (со кирилично „Ж“, против хрватските националисти од Вуковар) ги отпејаа беснилото и снобовската култура која ја труе Хрватска и денес, никогаш не преминувајќи ја линијата на тивкиот бунт кој самите го одбрале, место да се изборат за нецензурирана верзија на претставата.

Не плашејќи се да зборуваат против хрватскиот национализам, војната и туѓите идеали против кои пати цела генерација, не едуцираа за интелектуралната сопственост против која и настанало ова драмско дело. Одлично монтираната, а сепак хаотична престава, според мене го постигна невозможното: во само 85 минути да ги сумира сите проблеми со кои Хрватска, а и сите поранешни југословенски земји се соочуваат.

Во ова доба на ксенофобија, прикриен фашизам и позитивна дискриминација, пеењето на проблемите кои после паѓањето на завесата повторно ги игнорираме звучи како логичен противотров за контролираното општество кое нé загушува. Иако живееме во „Човечки рајх“, како што пееја самите, ништо не ни чини, и комунизмот никогаш не ни изгледал толку добар и потребен како сега. Ако ништо друго, тогаш барем уметноста била заедничка и слободна, братска сопственост.

Стефанија Тенекеџиева