Јутјуб сака да создаде социјална мрежа за видеа наречена Бекстејџ

Популарната видеоплатформа Јутјуб наскоро може да се прошири со посебна секција наречена „Бекстејџ“, каде корисниците ќе може да споделуваат фотографии, анкети, линкови, тексуални објави и видеа со оние кои се претплатиле на нивниот канал.

Бекстејџ се очекува да функционира во есен, како мобилна апликација, но и за десктоп. Првичното лансирање на софтверот ќе биде достапен само за „одредени популарни Јутјуб профили“ и ќе има ограничени опции.

Социјалното проширување на Јутјуб се верува дека ќе биде одговор на популарните сервиси како Фејсбук, Твитер, Снепчат, кои ги подобруваат своите видео функции, отргнувајќи ги своите корисници од споделување на Јутјуб видеа. Објавите на Бекстејџ ќе се појавуваат во спротивен хронолошки ред и содржината на секој корисник ќе може да се најде веднаш до табовите „Дома“ и „Видео“ на Јутјуб каналот.

Компанијата сака да поттикне нови типови на разговор на платформата, дозволувајќи им на корисниците да одговорат на објавите на Бекстејџ со нивни фотографии, видеа и други видови на коментари.

Целта на компанијата е да ги задржи гледачите на Јутјуб во неговиот екосистем, а не да пребегнуваат на Фејсбук или Твитер.