Јулијана Величковска на книжевен фестивал во Бар

Јулијана Величковска, писателка и поетеса, во четврток (30-ти јули) ќе ја претставува Македонија на дваесет и осмиот меѓународен книжевен фестивал „Барски летопис“, што се одржува во црногорскиот град Бар.

Манифестацијата се одржува од 14 јули до 21 август, во организација на Културниот центар на Бар.

Авторската вечер на Величковска ќе се одржи в четврток на платото пред Дворецот на кралот Никола, со почеток во 21 часот. Модератор на програмата е поетот, писател и новинар од Бар, Жељко Миловиќ, којшто е задолжен за организацијата на книжевната вечер посветена на творештвото на Величковска.

Јулијана Величковска (1982) е автор на стихозбирката „Комарци“ (ПНВ, 2010) и романот „Годишни времиња“ (ПНВ Публикации, 2014), како и на неколку преводи на проза и поезија од англиски на македонски јазик. Нејзината поезија е преведена на повеќе светски јазици, меѓу кои: англиски, кинески, чешки, италијански, албански, српско-хрватски, холандски и други. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, Србија, Чешка и Италија, а застапена е и во една антологија на светската современа поезија издадена во Кина.