Јубилеен концерт на Женскиот младински хор при МКЦ

Женскиот младински хор при МКЦ под диригентство на маестро Сашо Татарчевски вечерва (26 јуни) ќе одржи јубилеен концерт – 45 години од основањето на хорот. Концертот ќе се одржи во фоајето на Македонската опера и балет со почеток од 21:00 часот. Публиката ќе има несекојдневна можност да го чуе и еден од најдобрите хорски ансамбли во светот во младинските категории, бидејќи специјални гости на концертот ќе бидат маестро Денеш Сабо и легендарниот хор „Кантемус“ од Њиреѓхаза, Унгарија.

Од своето формирање во 1972 па сé до денес, ЖМХ е една од најпрепознатливите карактеристики на Младинскиот културен центар од Скопје. Изведувајќи огромен и разноврсен репертоар, со посебно внимание кон македонското хорско творештво, овој ансамбл покажа дека и пејачи аматери можат да постигнат високо професионални резултати. Последни успеси на хорот се и освојувањето на златна диплома и две специјални награди на натпреварот „Ливиу Борлан“ во Баја Маре, Романија (2015) и освојувањето на две први места и три специјални награди на фестивалот и натпревар за хорска духовна музика „Vratislavia sacra“ во Вроцлав, Полска (2016).

Сашо Татарчевски настапувал со голем број ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, МОБ, симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, симфонискиот оркестар на Ермитаж, камерниот оркестар на Битола, симфонискиот оркестар на ФМУ, “Солисти на ФМУ“, Битолската опера, ансамблите за современа музика “Алеа“ и “Контемпора“ и други камерни и симфониски и хорски состави. Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на мешаниот хор “Драган Шуплевски“, камерниот професионален хор “Про Арс“ и женскиот младински хор при МКЦ. Освен на сцените низ Македонија, има настапувано со различни ансамбли во голем број европски земји освојувајќи најпрестижни награди. Татарчевски е редовен член на неколку жири комисии на интернационални хорски натпревари како и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.

Денеш Сабо е маркантна фигура на унгарската и светската хорска сцена. Музички се образувал во Сегед, Мишколц и Будимпешта. Основач е на легендарниот детски хор „Кантемус“ во Њиреѓхаза во 1975 година. Подоцна, ја проширува активноста и основа цел хорски институт кој од 2003 година освен хорот „Кантемус“ ги влкучува и женскиот хор „Про Музика“ и мешаниот хор „Кантемус“. Сите овие ансамбли се исклучително успешни во својата дејност и се со светска репутација. Маестро Сабо е редовно поканет како гостин предавач и диригент на голем број мастер класови, конференции и фестивали а член е и на повеќе жирија на меѓународни хорски натпревари. Како почит кон неговата долгогодишна успешна работа, државата Унгарија го наградила со најважните државни одличја како „Франц Лист“ во 1985, „Бела Барток – Дита Паштори“ во 1985, „Косут“ во 2000 и наградата за културно наследство во 2004. Во 2014 година ја добива и титулата „Национален уметник на Унгарија“.

Влезот е слободен.