Јелена Жугиќ и Братислав Димитров симнати од директорските фотелји

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски ги разреши директорот на Театарот за деца и младинци, Братислав Димитров и директорката на Театар Комедија, Јелена Жугиќ.

На местото на Димитров, како вршителка на должноста директор е именувана Катарина Илиевска – Силјановска, а како в.д. директорка во Театар Комедија е назначена Мирјана Поповска – Ристов.

„Би сакале да ја информираме јавноста дека единствена цел на назначувањето на в.д директори е итно да се ослободат клучните институции, кои беа заробени од кадри што се под целосна контрола на Никола Груевски, кадри врз основа на кои се штимале систематизацијата и критериумите“, се наведува во соопштението на Министерството за култура.

Тие известуваат дека наскоро ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници, со цел да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори. Потоа, ветуваат,  низ транспарентен процес, ќе распишат конкурси за нови директори.