Јасмина Поповска: Фондот за иновации ја поттикнува и поддржува иновативноста кај младите компании

Младите во Македонија имаат потенцијал и идеи, но заклучокот од претходни разговори што ги имавме со претставници од претриемачкиот свет е дека им недостасува финансиска поддршка за реализација. Токму ова е појдовната точка за во 2013 година да се формира Фондот за иновации и технолошки развој. За неговата работа и цел, во интервју за Радио МОФ зборуваше директорката на фондот, Јасмина Поповска.

Што претставува овој фонд и кои се неговите приоритети?

Фондот е државна институција формирана со основна мисија поттикнување и поддршка на иновациската дејност во микро, малите и средните претпријатија за остварување забрзан технолошки развој, базиран на иновации што треба да придонесе за создавање нови работни места и забрзан економски раст. Располагаме со четири финансиски инструменти и досега имаме распишано четири јавни повици за финансирање преку кои имаме поддржано развој на иновации  кај 36 претпријатија, а во тек е одлучувањето за последниот повик кој беше отворен до 3-ти мај..

Додека прегледував информации поврзани со Фондот, забележав дека во самиот состав на организацијата се вклучени луѓе од речиси сите професии. Дали е ова можеби намерно?

Самата организациска структура на Фондот содржи повеќе различни сектори и одделенија за да одговори на потребите на целната група, но и сложеноста на работите во една државна институција. Тимот на Фондот е составен од професионалци кои ги исполнуваа условите согласно систематизацијата на работни места и кои беа ангажирани во периодот од 2014 година до 2016 година. Поради тоа што нашата примарна работа е да доделуваме финансиска поддршка за иновации во тимот има лица со различен образовен профил од областа на финансиите и проектен менаџмент, со цел успешно и квалитетно извршување на работните задачи. Имајќи предвид дека оваа област е нова во Македонија во изминатиот период интензивно вложувавме во градење на капацитетите на тимот.

Што претставува една добра иновација, според критериумите на Фондот?

Од аспект на еден предлог проект за инструментите на Фондот истиот за да биде добро оценет под критериумот степен на иновативност треба да содржи информации за потребата на пазарот за тоа иновативно решение и каков предизвик решава, како и за новитетот кој го содржи решението кое се предлага за да се задоволи таа потреба. Покрај овој критериум значајно е секој предлог проект за комерцијализација на иновација да содржи детални информации и за уникатната продажна вредност на иновацијата, конкурентните решенија и предностите во однос на истите, пазарниот потенцијал и како истиот ќе се искористи, бизнис моделот и планот за продажба и раст, активностите кои ќе бидат превземени за развој на таа иновација и искуството на тимот за имплементација на истата.

Како лицата кои имаат иновативен проект и кои сакаат да пронајдат партнер-претпријатие, или институција, можат да го направат тоа?

Најчесто ги советуваме индивидуалците кои имаат иновативна идеја за проект да бидат дел од настаните на стартап заедницата но и да се приклучат на пред-акцелераторските и акцелераторските програми кои ги нудат некои организации. Преку овие програми индивидуалците имаат можност за вмрежување и наоѓање потенцијални партнери и соработници.

Каква сè финансиска поддршка нуди Фондот?

Фондот има четири инструменти за поддршка во форма на грантови од кои два се наменети за развој на иновации, односно преку нив се финансираат активности за истражување и развој, дизајн, тестирање, развој на пилотни линии и други активности кои се неопходни за да се развие и пласира новиот производ или услуга на пазарот. Корисник на овие грантови до 100.000 евра може да биде микро, мало или средно претпријатие кое е регистрирано во Република Македонија со мнозинска македонска сопственост, независно во кој сектор работи. Освен овие два инструменти, Фондот доделува финансиски средства и преку третиот инструмент за трансфер на технологии, и тоа до 200.000 евра по проект. Овие средства се наменети за проекти на повеќе претпријатија кои преку трансфер на знаење или напредна технологија здружено решаваат заеднички деловен предизвик со цел подобрување на нивната продуктивност, ефикасност, исполнување стандарди за извоз и сл. Четвртиот инструмент е наменет за развој на инфраструктурата за иновациска дејност, односно финансиските средства до 500.000 евра се доделуваат во форма на грант кој треба да обезбеди поддршка на работата и инвестиции на деловно-технолошки акцелератори. До сега најголем е интересот за финансиската поддршка за старт ап претпријатија до 30.000 евра поради ограничениот пристап до финансии за овие млади претпријатија.

Дали можеби имате некоја позитивна приказна што би сакале да ја споделите со нас, на која сте особено горди?

Нашата соработка со претпријатијата кои до сега ги финансираме не завршува со доделувањето на средства туку обезбедуваме поддршка во градење на нивните капацитети пред се во областа на продажба, маркетинг и мобилизација на фондови, како и во нивната промоција. До сега повеќето од корисниците се застапени во медиумите и имаа можност со јавноста да ја споделат нивната приказна, успехот и неуспехот. Неопходно е во Македонија да се подигне свеста и да се има разбирање дека кај младите компании и неуспехот е дел од процесот на созревање, и дека најзначајното за еден претприемач е да не се откажува. Меѓу проектите има неколку решенија поврзани со заштита на животната средина како проектот за иновативна технологија за рециклирање на отпадно стакло, иновативна метода за пречистителна станица, односно иновативен процес за пречистување отпадни води, на кои му претходеле многу истражувања. Тука се и производите кои се корисни за бизнис заедницата како што се платформата за дигитален маркетинг, платформа за брзо и лесно правење на мобилни апликации, социјална мрежа за бизниси, а имаме и проект од здравство за превенција на срцеви удари, лабораторија за генетски истражувања и иновативна услуга за нега на повозрасни лица.

Покрај овие совети што ги споделивте со нас тука, како младите може дополнително да се информираат за можностите што ги нуди Фондот?

Со цел поголема достапност на сите заинтересеирани претпријатија и млади, Фондот има инфо центар и контакт канцеларија во самиот центар на градот, на Рекорд, каде што заинтересираните можат во било кое време да се информираат за можностите за финансирање и настаните кои ги организираме. Во исто време Фондот е активен на социјалните медиуми каде што можат да се дознаат повеќе информации за актуелните активности и активно поддржува и учествува на настани поврзани со иновации и претприемништво, како овогодишниот Codefest и наградата за социјално претприемништво и иновации на Младиинфо. За време на активните повици организираме инфо сесии и практични работилници низ повеќе градови во Македонија со цел мобилизација на заинтересирани апликанти од целата територија на Македонија.

Дали можеби досега сте добиле некакви жалби во однос на проектите што се одобруваат?

До сега нема забелешки, бидејќи при креирањето на постапката за доделување на средства особено внимававме на тоа да биде обезбедена транспарентност, објективност и квалитет на одлуките. Процесот на доделување средства, критериумите по кои се оценува и обврските на секој корисник кон Фондот откако ќе добие средства се јавно објавени на веб-страницата на Фондот. Одлуката за доделување средства ја донесува искусен тим од меѓународни експерти со повеќе од десет години работно искуство во иновации и инвестиции. Тие целосно стојат зад одлуките кои ги донесуваат и значајно придонесуваат со своето знаење и искуство во градење на капацитетите на Фондот. Информациите за членовите на Комитетот за одобрувае на инвестиции во Фондот се достапни на веб страната на Фондот. Оние проекти кои се одбиени за финансирање добиваат препораки како да бидат подобрени и имаат можност повторно да бидат поднесени на некој од наредните повици. На овој начин се обидуваме да го подигнеме нивото на квалитетот на проектите кои се доставуваат и во исто време да ги градиме капацитетите на нашата целна група. До сега има неколку претпријатија кои не добија средства на првиот повик на Фондот, но беа избрани на вториот или третиот, токму благодарение на препораките од Комитетот.