Јапонскиот вселенски дрон ги испрати првите фотографии од Интернационалната вселенска станица

Јапонската вселенска агенција ги објави првите фотографии направени од дрон кој оперира на Интернационалната вселенска станица. Таканаречената „Интерна сферна камера“ беше испратена да прави фотографии и видеа од работата на астронаутите.

Дронот може да лебди во средина со нулта гравитација, а е управуван од Земјата.

Малото летало кое лебди во вселената нуди поглед кон животот на станицата.

Јапонската агенција за аеровселенско истражување вели дека дронот бил доставен до станицата на почетокот на јуни. Но, сега се објавени првите негови дела.

Според агенцијата, може да се движи „било каде, во било кое време преку автономен лет и да снима слики од било кој агол“.

Неговата цел е едноставно да прави видео записи и фотографии, што досега можеа да го прават само астронаутите додека ги спроведуваат своите експерименти.

Според јапонската агенција, тоа им намалува 10% од работата која морале да ја завршуваат.

Сликите можат да се испраќаат во реално време назад кон Земјата, а им овозможуваат на контролорите на лет и истражувачите на тлото да ја проверуваат работата на екипажот на истиот начин како што тоа го прават колегите кои се со нив на станицата.