Јанкуловски: Се извинувам на наградените научници за неодржување на церемонијата поради заминување на дел од наградените

Откако професорките Мимоза Ристова и Љубица Георгиевска – Исмаил вчера револтирани од доцнењето на ректорот ја напуштија церемонија за доделување на наградата за најдобар научник/уметник на УКИМ за 2016, со свое соопштение се јави и ректорот Никола Јанкуловски.

Тој вели дека на 23 јуни во 12 часот беше закажана 219. седница на Ректорската управа на УКИМ со претходно утврден дневен ред, а по неа од 13 часот била предвидена да започне и церемонијата за наградените, која беше откажана.

„Одборот за избор на најдобар научник/уметник чиј претседател сум јас го одржа состанокот на 22 јуни. Седницата на Одборот беше закажана во 10,30 часот. Веднаш по одржувањето на седницата ја потпишав одлуката (од Одборот за избор на најдобар научник н.з.) и нешто подоцна испратив и известување и покана и до средствата за јавно информирање за свеченото доделување на наградите.

За жал, траењето на седницата на Ректорската управа поради бројните дискусии се одолжи дваесетина минути што предизвикало нетрпение и револт кај дел од наградените научници. Ја користам оваа прилика јавно да им се извинам на нашите почитувани колеги наградените научници/уметници и на членовите на нивните семејства за неодржувањето на церемонијата поради заминувањето на дел од наградените и да ги известам дека церемонијата ќе се одржи во друг термин“, стои во соопштението на ректорот Јанкуловски.

Инаку, претходно Одборот за избор на најдобар научник донел Одлука со која се утврдуваат најдобрите научници/уметници на УКИМ кои во календарската 2016 година покажале врвни резултати во својата дејност:

-за природно-математички науки – проф. д-р Мимоза Ристова, Природно-математички факултет;
-за техничко-технолошки науки – проф. д-р Игор Јорданов, Технолошко-металуршки факултет
-за медицински науки – проф. д-р Љубица Георгиевска – Исмаил, Медицински факултет;
-за општествени науки – проф. д-р Анита Циунова – Шулеска, Економски факултет;
-за уметности – Живојин Глишиќ, Факултет за музичка уметност.