Јанкуловска: Повредени 38 полицајци, приведени 30 демонстранти

Триесет и осум повредени полицајци, од кои шест посериозно, еден повреден цивил, 30 приведени демонстранти меѓу кои и двајца малолетници и голема материјална штета, е билансот од синоќешните протести пред Владата , информира министерката за вантрешни работи Гордана Јанкулоска, на денешната прес-конференција.

За време на протестот уништени биле седум полициски возила и друга опрема, искршени се прозорците на Радио Слободна Македонија, а било симнато и македонското знаме од јарболите пред Владата.

Министерката Јанкулоска потврди дека специјалци упаднале во читалната на градската библиотека „Браќа Миладиновци“  и дека привеле едно лице. Меѓутоа, според министерката, мерките на полицијата биле легитимни.

Полицијата, како што посочи Јанкулоска, ја разбила толпата во три правци, а дел од нив се обиделе да се скријат во приватни објекти. Според неа, вчерашниот протест претставува вандалски напад врз полицијата.

Вчера, СДСМ објави бомба за случајот Мартин Нешковски, момчето кое беше убиено од припадникот на специјалните полициски сили Игор Спасов на 6 јуни 2011 година на скопскиот плоштад, по прославата на ВМРО-ДПМНЕ по повод победата на парламентарните избори. Опозоциската партија ја обвини власта за прикривање и релативизирање на случајот што предизвика револт кај голем број граѓани и ги поттикна спонтано да се соберат пред Владата.