Израел: 20 години затвор за демонстранти кои фрлаат камења

Израелскиот парламент, Кнесетот, со големо мнозинство ги изгласа измените во Кривичниот законик на земјата, со кои демонстрантите кои фрлаат камења врз полицијата ќе се казнуваат со затвор во траење од 20 години. Фрлањето камења главно е тактика на палестинските демонстранти, кои со децении се во судири со подобро наоружаните и поподготвени израелски одбранбени сили.

Измените во законот поминале со 69 гласа „за“, по неколкучасовна жестока дебата. 17 пратеници, главно припадници на палестинското малцинство, гласале „против“ драконските казни.

Министерката за правда на Израел Ајелет Шакед фото: Reuters

Министерката за правда на Израел Ајелет Шакед
фото: Reuters

„Толеранцијата кон терористите завршува денеска. Оние кои фрлаат камења се терористи и нив можеме да ги одвратиме од ова само со една соодветна и праведна казна“, изјави министерката за правда Ајелет Шакед, припадничка на ултрационистичката и религиозна партија Еврејски дом, која ги подготви законските измени.

Со новата легислатива, предвидена е казна од десет години затвор доколу тужителите не успеат да докажат дека фрлачите на камења имале намера да повредат некого. Доколку, пак, успеат во тоа, се предвидува максималната казна од 20 години затвор. Дополнително, со пет години затвор ќе бидат казнети демонстрантите кои попречуваат полициска активност со фрлање камења, како и оние кои ги гаѓаат полициските возила. Овие казни ќе важат само во официјалните граници на Израел, а не и во окупираните територии на Западниот брег, кои се под јурисдикција на Израелската армија.

Израел: 20 години затвор за демонстранти кои фрлаат камења

Околу 1.000 луѓе се обвинети за фрлање камења во Израел секоја година, но повеќето од нив досега добивале казни од неколку месеци до две години затвор. Министерката Шакед вели дека казните биле „многу благи“, а досега товарот на докажување на намерата бил кај тужителите.

Арапските пратеници во Кнесетот се спротивставија на новиот закон:
„Замислете дека пред некој навистина праведен судија го изведувате оној којшто фрлил камен, заедно со оној којшто е одговорен заради тоа што првиот фрла камења. Кого судијата би ставил во затвор? Оној којшто го уништил домот на фрлачот на камења, кој му ја украл земјата, неговиот брат или човекот кој го фрлил каменот?“, рекол во дебатата Џамал Захалка од Здружената арапска листа.

Здруженијата за човекови права многупати го критикуваа Израел за користење прекумерна сила, вклучувајќи и автоматско оружје, за задушување на демонстрантите-Палестинци, предизвикувајќи десетици и стотици смртни случаи и тешки повреди.