Изложба со дела на Ворхол и мултимедијални перформанси на Бела ноќ во Скопје

На 1 октомври, по дванаесетти пат, во Скопје се одржува манифестацијата Бела ноќ. Годинава во градот ќе се одржи изложба на дела на најпознатите американски претставници на поп-арт правецот, уличен театар и неколку перформанси.

Големата изложба на американски поп арт, ќе се одржи на три места: Музејот на Град Скопје, Музејот на Современа Уметност и Младинскиот културен центар – МКЦ. Се состои од повеќе од 100 графички дела, од шесте култни уметници: Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг, Џон Чемберлејн, Том Веселман и Џејмс Розенквист.

На Плоштадот Македонија, во 21:00 часот, француската спектакл трупа Compagnie des Quidams ќе настапи со нејзиниот последен звучно-светлосен перформанс.

Формирани 1994-та год., од страна на Jean-Baptiste Duperray, Company des Quidams создадоа двоцифрен број претстави/спектакли со кои имаат гостувано во повеќе од 40-тина држави на повеќе континенти. Company des Quidams ја сочинуваат над дваесетина уметници од театарот, музиката, циркусот, останати сценски изведувачки уметности… Во нашиот град, гостуваат прв пат со нивната последна продукциската претстава именувана “FierS à Cheval”.

Само 15-тина минути по завршувањето на Compagnie des Quidams, во 22:00 часот, најавен е уште еден “уличен” театарски перформанс.

Од Полска, со 30-метарска арка која претходно ќе плови по скопските улици, трупата TEATRU ÓSMEGO DNIA во 22:00 часот, ќе вплови на Плоштадот Македонија.

Перформансот – именуван „Арка“, потсетува дека денес сè уште живееме во доба на бегалци, скитници, номади, кои патуваат низ континентите и си ги затоплуваат душите со спомените од домот, без разлика дали тој дом е духовен и/или етички, небесен и/или географски, реален и/или пак имагинарен.

Во Младинскиот Културен Центар ќе биде одржан концерт на култната белградска група Дисциплина Кичме, по повод издавањето на новата плоча именувана „Опет“, швајцарските рокенрол/блуз/гараж херои Roy & the Devil’s Motorcycle и македонскиот инструментален пост рок квартет, Khara.

Истата вечер на DeSonanz фестивалот посветен на модерната музика и мултимедијална уметност,  во Денсинг салата на МКЦ ќе настапат Kumo / Jono Podmore и Amplidyne Effect & Ogie.

Во Џебното Кино на МКЦ се најавува одличен перформанс на големите јапонски уметници Yoshio Machida и Maiko Date насловен Sound is Body, Body is Sound.

И оваа Бела ноќ, неизбежен е филмскиот маратон под отворено небо во Градскиот парк, како изложбите во Културно информативниот центар и Кочо Рацин.