Изложба на слики од Дороти Пачкова идната недела во Скопје

Изложба на слики од младата уметница Дороти Пачкова ќе биде отворена на 8 јули (среда) во галеријата Ко Ра во домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје. Изложбата носи наслов „Ова е само став на уште еден уметник во големиов свет“.

„Оваа трета самостојна изложба на Дороти Пачкова е во контекст на нејзините претходни две – со ангажиран карактер, со намера за акцентирање на улогата на индивидуата како хумано битие кое е еден активен сегмент во општеството. Дороти Пачкова е млад автор,но едновремено полна со ангажирана креативна енергија фокусирана во реализацијата на истражувања, со примена на разнородни медиуми, како дел од нејзините процеси на трансмисија на нејзината егзактна визија на реструктурирање на светот и општеството во похумано.

Со импресивна колоритна структура, таа создава широк растер или арматура, некаде расточена и дисперзирана среде богато структурирани композиции со вткаена симболика на знаци и симболи, импулсивни, спонтани, рефлексивни, асоцијативни, нурнати или заробени во линеарните премрежја кои вообличуваат експресивни хармонии на поетиката на просторот и времето во преобликување, побудувајќи обилство на едновремено суптилни и сугестивно впечатливи сензации кои не водат длабоко кон сините длабочини и не извишуваат кон сините височини“, се вели во најавата на настанот.