Изложба на македонски уметници во бугарскиот град Русе

По успешното претставување претходниот месец во Софија, Ликовната концепција “Конекција 2” иницирана од Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија продолжува со серијата изложби низ повеќе градови во Бугарија.

Во рамките на својот 10-годишен јубилеј, нашиот Центар во соработка со Друштвото на ликовните уметници од Русе, а во рамките на нивниот 70-годишен јубилеј, организира изложба на девет македонски ликовни уметници, кои се составен дел од концепцијата “Конекција 2”.

На изложбата чие свечено отворање ќе биде на 6-ти март во 18,30 во Галеријата на Друштвото на ликовни уметници на Русе, освен досегашните учесници, ликовните уметници Марјан Ѕин од Струмица, Иво Пецов од Виница, Адриана Јованоска од Прилеп, Зоран Мише и Павел Целкоски од Охрид, Иван Стоименов од Скопје и Горан Тричковски од Делчево, ги вклучува и скулпторот Слободан Милошески од Кичево, докторант по скулптура на Националната ликовна Академија во Софија и Јорданчо Ристовски од Крива Паланка, магистер по сликарство од истата Академија. На изложбата во Русе, нашите автори ќе се претстават со преку 70 дела, од графика, масла на платно, скулптури и дела изработени од метал.

Изложбата која е поддржана од нашето Министерство за култура, ќе ја отворат директорот на Македонскиот културен Центар, Васко Шутаров и претседателот на Друштвото на ликовните уметници на Русе, Георги Пасев.