Изложба на хрватскиот уметник Иван Фијолиќ во Чифте Амам

Утре (вторник, 22 декември), со почеток од 20 часот во Националната галерија на Македонија – објектот Чифте Амам, ќе се одржи изложбата „Нео Н.О.Б“ на хрватскиот уметник Иван Фијолиќ. Изложбата комбинира 6 монументални скулптури инспирирани од историјата на социјалистичката ослободителната борба и јавните скулптури кои го формирале визуелниот јазик на идеологијата за една генерација.

Иван Фијолиќ е еден од најпрепознатливите хрватски уметници од помладата генерација и претежно работи во медиум на скулптурата. До сега има изложувано во околу 30 групни и 23 самостојни изложби како во Хрватска така и во странство. Тој има изработено три јавни скулптури: Фондација Бата, Злин, Чешка; Црна нога, Паркот на скулптури, Вршар, Хрватска; и Брус Ли во Мостар, Босна и Херцеговина. Тој, исто така, направи и скулпторска серија за Крапинскиот праисториски човек за Музејот во Крапина (2009).

Покрај изложбата, присутните ќе можат и да разговараат со уметникот.