Изложба на делата на уметникот Велимир Жерновски во Грац

Уметникот Велимир Жерновски своите дела ги претстави на изложба во Грац, како дел од проектот „Западниот Балкан повикува”, а во организација на Центарот за современа уметност „Ротор“. Жерновски се претстави со постери, фотографии и скулптура со кои го искажа своето уметничко видување на современите случувања во Македонија, соопшти Амбасадата на Република Македонија во Австрија.

Центарот „Ротор“ се наоѓа во Грац, вториот по големина град во Австрија. Основан е во 1999 година и е специјализиран за современа визуелна уметност која третира исклучиво социјални, политички, еколошки и економски теми. Во рамки на проектот „Западниот Балкан повикува”, „Ротор“ воспостави мрежа за соработка со голем број сродни институции во Централна и Југоисточна Европа, за иницирање и интензивирање на нивната соработка.

Особено внимание притоа се придава на програмата „Размена и престој на уметници”, во која уметници од земјите од регионот на Западниот Балкан престојуваат одреден период во други средини каде творат и разменуваат искуства со локални уметници.