[Излез] Адеми ги информирал универзитетите за државниот испит уште во октомври

Студентското списание „Излез“ објави дека анонимен граѓанин, до нивната редакција го доставил предлогот за државен испит на Министерството за образование и наука од 31.10.2014 година кој како допис е испратен до претседателот на Интеруниверзитетската конференција, проф. д-р Велимир Стојковски.

Министерот Адеми ги информирал универзитетите за деталите околу државниот испит уште во октомври, пишува Излез.

Интересно е што во овој допис веќе се споделува информацијата дека полагањето на државниот испит ќе се однесува на генерациите запишани на студиската 2016/2017 година и нема да има ретроактивно дејствие.

На јавноста информацијата дека државниот испит ќе важи за идните студенти, прв пат и ја соопшти премиерот Никола Груевски во интервју за Дневникот на ТВ Сител, дваесетина дена подоцна, по првиот студентски марш.

Според предлогот кој го објави магазинот, предвидено е државниот испит студентот да го полага само еднаш во кварталот на академската година, при што само првите три полагања се бесплатни.

– Доколку студентот не успее да го положи државниот испит трипати по ред, наредните пријавувања за полагање се на товар на студентот, се вели во информацијата.

Адеми денеска изјави дека не знаел зошто протестираат студентите, кога се уште нема концепт и модел за државниот испит.

-Македонија е демократска држава, секој има право да протестира. Но ќе повторам, не знам зошто се протестира, кога уште немаме концепт и модел, прво треба да седнеме и да ги видиме аргументите“, рече Адеми.

Повеќе информации за дописот испратен до универзитетите прочитајте на следниот линк.