Изгладнување им се заканува на животните од Зоолошката градина во Атина

Економските потешкотии на Грција немаат влијание само на луѓето – на околу 2.200 животни од 345 видови, кои живеат во единствената зоолошка градина во главниот град Атина, паркот Атика, им се заканува изгладнување.

За многу од животните се потребни посебни видови храна кои се увезуваат, но контролата на капиталот, воведена пред неколу недели, не му дозволува на раководството на зоолошката градина да ги исплаќа странските добавувачи. Без итна помош, многу од животните ќе се соочат со смрт од глад за само неколку недели, предупредуваат здруженијата за заштита на животните.

Загрижени дека грчките власти нема да им платат за нарачките, повеќето странски добавувачи сега бараат пари однапред, наместо во рок од 60 дена, како досега. Ова се услови кои зоолошката градина не може да ги исполни, поради забраната за одливи на пари кон странски банки и клиенти, која е на сила.

Основачот на приватната зоолошка, Jean-Jacques Lesueur вели дека посебните видови храна, како риба, црви, адитиви и други збогатени видови храна за животните едноставно се недостапни за неговата компанија во моментов.

Оваа ситуација значи дека можат да се повторат сликите од други земји во кои се случувала економска или политичка криза, во кои животните често се првите жртви на кризите за храна. Во Украина во 2014 година, 9.500 животни во Зоолошката градина во Киев се соочија со ужасни услови и за малку го избегнаа изгладнувањето. Слично беше и во Зоолошката во Крим, откако централната власт и го прекина дотокот на пари на покраината анектирана од Русија. Во 2003 година, пак, животните во Багдад умираа од глад и жед, кога американската војска направи инвазија врз Ирак. И конфликтите во Кувајт, Косово и Авганистан предизвикаа смрт и страдање за илјадници животни во зоолошките градини.

Фауната во атинскиот парк Атика се соочува со економска, а не политичка криза, од која шансите за излез се многу мали. Дури и ако властите дозволат плаќање за храната од увоз, градината нема да може да го поднесе товарот на издржување на сите животни, затоа што посетите се во огромен пад поради економската криза. Мерките на штедење кои се дел од договорот со Европската унија, пак, предвидуваат нов, голем данок, кој дополнително ќе ја погоди зоолошката градина.