Избрани решенија за еколошки спорниот проект за градење во Студенчишко блато

Идејниот архитектонско–урбанистички проект за изградба на нова луксузна туристичка населба во заштитениот дел од Студенчишко блато крај Охрид, веќе е изработен, пишува порталот Build.mk. Во конкуренција на два доставени архитектонски труда, општина Охрид се одлучила да додели две втори награди во висина од по 20.000 денари. Едното идејно решение е дело на авторите Ана Кафтаноска и Марио Баткоски, а со втора награда на Конкурсот се стекна и заедничкиот труд на Бекир Адеми, Амине Адеми и Аурора Саиди.

Од информациите што досега се објавени во јавноста, на просторот помеѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“ ќе се градат серија од разновидни објекти, за кои е прашање како ќе влијаат врз присутниот биодиверзитет во Студенчишкото блато. На овој простор треба да се гради нова луксузна населба со хотели, ресторани, резиденцијални објекти и апартмани, меѓусебно поврзани со систем од канали и езерца. Долж самото крајбрежје на Охридското езеро треба да никне долгонајавуваната марина во градот, но и нова плажа со должина од 700 метри. Во изготвувањето на проектната документација за овие градби учествуваат општина Охрид и Министерството за транспорт и врски.

Според екологистите и експертите, најавените проекти ќе влијаат негативно врз биодиверзитетот на Студенчишкото блато, кое не само што претставува живеалиште на многу видови флора и фауна, туку е и природен филтер на Охридското Езеро, кое е заштитено од УНЕСКО.

Вкупната површина на Студенчишкото блато изнесува околу 25 хектари. За овој заштитен еколошки простор во јануари 2012 година е изготвена студија за негова ревитализација од Друштвото за еколошки консалтинг „ДЕКОНС – ЕМА“, во соработка со професори од Институтот за биологија во Скопје, Хидробиолошкиот завод, еколози и самостојни експерти. Во документот се нагласува дека уништувањето на Студенчишкото блато претставува опасност и за Охридското езеро, кое пак е заштитено од страна на УНЕСКО.

Според неодамна објавената интернет анкета на информативниот портал „Охрид Њуз“, локалните жители гледаат со голема резерва кон идејата за изградба на објекти во Студенчишко блато. Дури 55% од граѓаните, или 1.605 лица што гласале на анкетата, сметаат дека е голема грешка градењето марина на местото на Студенчишко блато, додека 702 граѓани, или 24% од вкупниот број лица што се вклучиле во анкетата, мислат дека темата бара повеќе информации, анализи и слично.