Избрани најдобрите студентски бизнис планови

Со доделување на парични награди денеска беа избрани петте најдобри бизнис планови како дел од проектот „Организирање бизнис натпревар – Биди перспективен започни свој бизнис“.

Првонаградениот бизнис план „Make your mobile happy with battery full“ на Бесарта Џони доби вредносен чек од 330.000 денари, второнаградениот преокет „Решенија за паметен дом“ на Никола Николовски е награден со 230.000 денари, третата награда и чек од 130.000 денари ја доби Петар Миновски за бизнис планот „BBP Academy, the future of e-learning“, четврта е Ана Миновска со проектот „Иновативност, креативност, мобилност“ за кој доби награда од 100.000 денари, додека петтата награда и ваучер од 60.000 денари му е доделена на Панче Рибарски за бизнис планот „Паметна градина“, пренесе МИА.

Целта на овој проект е да се поттикне претприемничкиот дух меѓу младите, преку подготовка на студентите и младите претприемачи за отпочнување на сопствен бизнис. Манифестацијата се одвива втора година по ред и е организирана од министерствата за економија и образование и наука, Националниот совет за претприемништво и конкурентност, УКИМ, ДУТ, Агенцијата за поддршка на претприемништвото, Бирото за развој на образованието и Бизнис стартап центарот при Машинскиот факултет во Скопје.