Избран победникот на наградниот конкурс #СиОдиме

Текстот со реден број #2 е победник на наградниот конкурс за најдобaр текст на тема „ #СиОдиме или не – зошто заминуваат младите од Македонија?“кој го отвори Радио МОФ.

Најдобриот текст заедно го бираа читателите и комисијата од Радио МОФ. На конкурсот пристигнаа 14 текста, кои се испраќаа под псевдоним или со име и презиме. Сите текстови се објавени на страницата  #СиОдиме. Од пристигнатите 14 текстови, покрај наградениот, во најтесна конкуренција влегоа и текстовите со редни броеви #5 #11 и #13.

Наградата е ранец Trimm Sherpa , од 65 литри.

#СиОдиме или не – зошто заминуваат младите од Македонија?

Се родивме и растеме во земја во која политиката е главна тема, земја на ниски плати и уште пониски идеали. Ова е апсурдна земја во која нè моделираат да станеме сите исти, да целиме кон просечни цели. Диплома и сигурна работа, кола и стан и две деца, летување и еден јануарски викенд во Банско. Ако можеш да си го дозволиш ова и приватен курс по англиски јазик два пати неделно за твоите деца, имаш сè. Целите се исполнети, а ти почнуваш да старееш чекајќи го повисокиот стадиум од животот: ревматизам во коските третиран со едно бесплатно скијање и две седишта во автобус, едното за тебе, другото за твоите торби. Средношколците се малолетни, тие ќе стојат, тие сè уште немаат право на глас.

Ние растевме во оваа земја, боевме боенки и пишувавме песнички. Тука ги направивме првите чекори, научивме да возиме велосипед; тука си игравме лекари, професори и адвокати; тука крадевме цреши од туѓи дворови; тука ги добивме првите петки и првите единици, славевме матура, се  вљубивме, се разочаравме; тука ни се другарите и мама и тато и бато и кучето. Тука е нашето дома за кое гинеле Гоце и Јане, тука ни се спомените, тука во пролет мириса на јоргован. А сепак…? Сепак би заминале.

Да, ние би заминале зашто овде боенките се бојат во партиски бои, овде не може да се вози велосипед, воздухот е сив. Си одиме затоа што лекарите пијани оперираат, адвокатите бранат фиктивна правда, а наставниците ги заклучуваат вратите на гимназијата тогаш кога се брани слободата. Си одиме затоа што не сакаме да полагаме екстерни тестови, бедни се. Си одиме во името на сите решени интеграли и матрици кои се дрзнаа да ни ги оценуваат со пет прашања на заокружување… пет. Си одиме зашто овде се оди во затвор за крадење цреши, а се простуваат убиства. Си одиме и поради „Дамата со Марама“ и „Фатмаѓул“. Ние си одиме зашто Драган Вучиќ останува. Си одиме зашто Миленко има право на глас, а тој тврди дека земјата е рамна. Си заминуваме за да им ја отстапиме сцената на Цеца и Стоја. Си одиме зашто овде идоли на гимназијалците се учесници во „Велики брат“ и „Звезде гранда“. Си одиме заради тоа што ако не си пленум во Македонија ти си етикетиран како ВМРО, а ако си, е тогаш мора да си СДСМ… плитко. Си одиме зашто во зима во „Гоце“ дуваат ветришта. Си одиме заради бродовите, ајкулите и палмите, заради бабите кои „спонтано“ се собрале да чистат картон со киселина. Си одам затоа што ги открија гравитациските бранови, а топ тема во Македонија беше дебатата меѓу Латас и Заев. Си одам заради пушките под прозорците на Куманово… Погнили сме и од корените на Хамлетовото кралство.

Си заминуваме зашто овде растеш и добиваш шлаканици од животот, овде нема поента да си поет, писател, филозоф, актер, новинар… Или ќе запишеш правен или ќе станеш полицаец. Си одиме зашто овде нема пари, а парите купуваат струја и вода и антибиотици… Парите купуваат чоколади. Си одиме заради меланхолијата во очите на мама и бато. Си одиме и ќе си ги земеме другарите со нас. Си одиме, не зашто некаде во светот нè чекаат со раширени раце, не зашто некаде во светот тече мед и млеко, туку зашто овде тече крв. Бегаме како што бегаат мигрантите од Сирија… И немате право да ни судите. Бегаме од нашето дома, затоа што сè уште сме млади и соништата ни се поважни од спомените. Немојте да ни судите зашто бараме поинаков свет, макар  на друга планета… Свет во кој има поента да се дискутира за правда и неправда, свет во кој се дебатира за теоријата на релативност, за наноматеријали и фрактали, за поезијата на Пушкин, за Ана и Вронски, а не за Заев и Груевски. Еден поинаков свет, макар на друга планета, свет на наука и уметност… Свет во кој утрата не се премногу сиви, а сепак мирисаат на јоргован.

Наталија Тасевска #02