Избор за ректор ќе се одржи, четворица студенти од Пленумот присуствуваат на седницата

По долго негодување пред Ректоратот на УКИМ, четворица студенти ќе присуствуваат на седницата на Сенатот на која ќе се гласа за нов ректор на универзитетот. Ректорот Велимир Стојковски попушти пред притисокот на студентите и дозволи тие да присуствуваат, иако во помал број од оној што тие го побараа.

На денешната седница, сенаторите од сите факултети ќе гласаат помеѓу кандидатите Ненад Новковски, екс министер за обраѕование и професор, и Никола Јанкуловски, актуелен декан на Медицинскиот факултет. Десет гласа доаѓаат токму од студентските претставници, за кои Студентски пленум вели дека се нелигитимни и нелегално избрани.

Од Пленумот, присуствуваат студентите Деа Здравковска, Стефан Дојчиновски, Горан Таневски и Александра Живковиќ.

Претходно, се појави и претседателот на СПУКМ со изминат мандат Кирил Спировски, кој изјави дека поплаките на студентите се неосновани бидејќи досега биле повикани на заеднички разговор, на што Пленумци се спротивставија велејќи дека во повеќе наврати добиле спуштена слушалка и затворени врати.

Блокадата започна во осум часот наутро, во пресрет на седницата која првично беше закажана во 10 часот. Тензијата започна кога повеќе професори се обидоа да ги разубедат студентите да се откажат од блокадата.

Најинтересните случувања од седницата на Сенатот, може да ги следете преку видео стримот на Фејсбук страницата на Радио МОФ.