Иванов му го додели мандатот за формирање влада на Зоран Заев

„Пречките за доделување мандат за состав на Влада на Република Македонија се отстранети“, рече претседателот Ѓорге Иванов. Тој денес официјално му го додели мандатот за состав на нова влада на Претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Заев во својот говор истакна дека испорачал изјава во форма на гаранција до кабинетот на Иванов со која се обврзува да ги заштити унитарноста, суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на државата.

„Гарантираме заштита на уставниот поредок и територијалната целина на Репиблика Македонија. Гарантираме заштита на државните интереси и унапредување на животот на сите граѓани, без оглед на етничката религиската и јазичната припадност. Гарнтираме дека процесот на донесување на одлуките за граѓаните на Република Македонија ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото, не доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост спрема друга држава. Ниту еден документ, платфрома, декларација, акт или дејствие кои би биле спротивни на наведените ставови не можат да бидат услов, ниту основа за формирање и дејствување на владата на Република Македонија“, рече Заев.

Новиот мандатар, според Уставот, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.