Иванов ги повлече сите аболиции донесени на 12 април

Претседателот Ѓорѓе Иванов ја повлече аболицијата и за останатите лица кои беа ослободени од гонење без спроведување на постапка, која ја донесе на 12 април.

Пред десет дена Иванов ја повлече аболицијата за 22 политички експонирани лица, а денес официјално аболицијата е повлечена и за сите останати помилувани.

Писмената изјава на претседателот Иванов ја пренесуваме во целост:

„Почитувани граѓани на Република Македонија,

Изминаа десет дена откако донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за вкупно дваесет и двајца политички експонирани лица.

Оттогаш, сите други лица, согласно законските измени, имаа можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Меѓутоа и покрај декларативните најави на дел од нив во јавноста дека ќе го сторат тоа, досега ниту еден од помилуваните не поднесе барање за поништување на одлуките за нивно помилување.

Во овие десет дена бевме сведоци на различни толкувања на оваа одлука на поларизираната политичка сцена и обиди да се освојат ситни дневно – политички поени преку оваа одлука за која како и тогаш, така и сега сум уверен дека ќе придонесе за национално помирување и ќе понуди излез од политичката криза во Република Македонија. Поради ова, денеска донесов одлука да ги поништам и преостанатите одлуки за помилување кои ги донесов на 12 април.

На крајот, уште еднаш ќе потсетам дека за разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија. Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции, кои можат да се справат со предизвиците“.