Истражување: Уставниот суд е пристрасен и нетранспарентен, граѓаните немаат доверба во него

Уставниот суд од година во година решава сè помалку случаи, а неговите седници се нетранспарентни и затворени за новинарите и граѓаните. Повеќе случаи покажуваат дека е дискутабилна неговата независност од владејачките структури, посочува анализата на Хелсиншкиот комитет за човекови права за работата на Уставниот суд, презентирана денеска во Скопје.

Анализата опфатила 30 седници на Уставниот суд, од јануари 2015 до јули годинава, а одлуката за проверка на работата на Уставен од надворешен фактор била донесена по Црниот понеделник во 2012 година, кога се бркаа новинари и пратеници од Собранието.

„Тогаш беа донесени неколку мошне несреќни одлуки кои многу реално ја отсликуваат состојбата во Уставниот суд, неговата политизираност и неговото претворање во инструмент на извршната власт. Сето тоа следуваше откако беше сменет составот на судиите, односно откога беа примени новите пет судии, поради нивната поврзаност со владејачките структури“, вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Некои од најпознатите случаи кои сведочат за неправилната, пристрасна и неефикасна работа на Уставниот суд, посочува Пировска, се отфрлањето на иницијативата на новинарите за нивното исфрлање од Собранието, како и иницијативата за преиспитување на уставноста на Законот за лустрација. Од Хелсиншки потсетуваат дека Уставен ги отфрли и мислењата на Венецијанската комисија, но го прифати Законот за помилување предложен од претседателот Ѓорѓе Иванов, што пак доведе до најголемата политичка криза во Македонија.

Тие воочиле дека има намалување на обемот на работа на Уставниот суд, односно на предметите доставени до судот. Така, во 2011 година, пред промената на поголем дел од уставните судии, примени биле 236 предмети, додека во 2015 година само 128 предмети. Кога станува збор за  укинувачки или поништувачки одлуки, во 2011 имало 32, а во 2015 само 11. Односно, има 66 посто помалку укинати или поништени одредби во последните четири години.

„Тоа укажува дека граѓаните ја губат довербата, а Уставните судии се припојуваат кон политиките на власта, преточени во законите и другите акти“, вели Стојановски.

Во однос на работата, презентираше дека Судот минатата година одржал 31 седница, која во просек траела по еден час. Тоа, забележуваат од Хелсиншки, значи дека лани Уставниот суд работел само 31 час на јавни седници иако има најдолг годишен одмор од сите институции во државава – минатата година траел 75 дена. Сепак, под политички притисок, вели Стојановски, судот знаел да закаже вонредна седница.

За тоа колку судот одлучува независно, како пример посочува конкретен случај, кога на една од седниците се расправало за распуштање на Собранието и дали е можно тоа одложено да се распушти. Иницијативата била поднесена од пратеник од опозициските партии и Уставниот суд прогласил дека распуштањето не е општ акт и дека нема надлежност да одлучува. Кога поради меѓународен притисок истата иницијатива била поднесена од пратеник од владејачката партија, Уставниот суд место веднаш да ја отфрли иницијативата, рекол дека има право да одлучува за истата работа по само четири месеци откако претходно имал став дека не е надлежен.

„Ова е класичен пример за тоа дека Уставниот суд, за жал, не е независен“, вели Стојановски.

Посочува и дека Законот за помилување ќе остане забележан како најбрзото постапување на Уставниот суд.

Во врска со транспарентноста, од Хелсиншки потенцираат дека порано можеле да се снимаат седниците на судот, а сега тоа е забрането, отежнат е пристапот до годишните извештаи, а на седниците скоро никогаш не присуствуваат граѓани. Најголема причина за тоа, смета Стојановски, е што судот никаде не објавува како граѓаните можат да и следат седниците и не знаат ни каде е новата зграда.

„Уставниот суд е затворена и прилично нетранспарентна институција“, заклучува тој.

Во анализата се разгледувала работата на судот од пет аспекти: независност, стручност на судиите, нивната непристрасност, транспарентноста и односот на судиите кон човековите права и слободи.

С.Т.