[Истражување] Академската професија во Македонија: помеѓу криза и егзодус

Дури 62 % од академскиот кадар смета дека македонското високо образование се движи во погрешен правец, 68% дека квалитетот е намален во последните пет години, додека 71% oд испитаниците велат дека Владата има големо влијание врз високото образование.

Ова се дел од наодите на истражувањето на „Реактор – Истражување во акција“ кое ги испитува состојбите во академската професија и ставовите на академскиот кадар во Македонија.

Клучните наодите од истражувањето укажуваат на загрижувачката состојба во која се наоѓа академската професија во Македонија. Според резултатите, кај академскиот кадар постои незадоволство и скептицизам во однос на правецот во кој се движи високото образование.

Речиси 63% од помладиот академски кадар кој е анкетиран би ја заменил својата сегашна работна позиција со академска позиција во странство, доколку имаат таква можност. Изненадувачки е што и 52.5 % од повозрасниот кадар исто така би се одлучиле на истиот чекор, покажуваат анкетите.

„Дополнително, влијанието на Владата врз процесите на одлучување е големо, дури и во оние области кои спаѓаат во надлежност на високообразовните институции. Степенот на институционална и финансиска автономија е низок, додека нивото на академска слобода кај академскиот кадар е ограничена“, се вели во заклучоците.

„Ова е прво истражување од ваков вид во Македонија. Имајќи предвид дека се наоѓаме во критично време за високото образование, се надеваме дека резултатите ќе бидат земени предвид при креирањето на новата политика и новиот Закон за високото образование“, изјави Неда Коруновска, претседателка на Реактор – Истражување во акција.

Подготвеноста на огромен дел од академскиот кадар за миграција надвор од државата е загрижувачка и може да доведе до академски егзодус, покажуваат анализите.

„Академскиот кадар е незадоволен од финансиите за високото образование и е поделен во однос на можноста од нивно значајно подобрување во блиска иднина. Транзицијата во повисоко академско звање трае предолго, при што значаен дел од помладиот академски кадар се соочува со неизвесност поради недостатокот од можности за напредување во кариерата. Дополнително, критериумите за избор во повисоко академско звање не секогаш се почитуваат доследно“, се констатира во истражувањето.

Авторот на истражувањето, Мартин Галевски вели дека анализите покажуваат дека високото образование се движи во погрешен правец, при што најголем дел од академскиот кадар е незадоволен од повеќето реформски политики.

„Ако се земе предвид дека 71% од испитаниците сметаат дека владиниот интервенционизам во високото образование е висок, може да зборуваме само за привидна или процедурална институционална и финансиска автономија на високообразовните институции во Македонија. За да се обезбеди функционална автономија, мора да се овозможи поширок простор за делување на високообразованите институции, што секако ќе значи и потреба од зголемена транспарентност и одговорност од нивна страна”, рече Галевски.

Тој додава дека постои генерациски јаз на низа прашања што е загрижувачки за иднината на академската професија.

„Бројот на академски кадар кој се гледа надвор од Македонија е повеќе од алармантен и укажува на потенцијален интелектуален егзодус со тешко надоместливи последици. Резултатите од истражувањето укажуваат и на сериозниот недостатокот на можности за напредок во кариерата на помладиот академски кадар, што може дополнително да го поттикне одливот на мозоци. За да се намали одливот на научен кадар, потребно е драстично да се подобрат условите за работа, да се зголеми бројот на редовни вработени кадри и да се обезбедат можности за континуиран кариерен напредок. Доколку не се преземат соодветни чекори за подобрување на состојбите во високото образование, ризикуваме да го изгубиме еден од најзначајните сегменти од општеството”, рече Галевски.

Истражувањето е спроведено на примерок од 487 испитаници, вработени како наставен, научен, или соработнички кадар во високообразованите институции во Македонија и опфаќа широк спектар на прашања поврзани со: општите услови за академска работа, задоволството од работата, мобилност на академскиот кадар, автономијата на високообразовните институции и самиот процес на донесување одлуки, како и ставовите во однос на дел од актуелните реформи  во високото образование.