Истражувачкото новинарство жртва на спрегата медиуми – политички елити

Оваа година Македонија за прв пат од Фридом Хаус го доби статусот „неслободна земја“ во поглед на медиумските слободи, додека според рангирањето на Репортери без граници, за 6 години земјава уназадила 80 позиции во споредба со другите светски земји. Истражувачките новинарски стории се ретки, додека уште поретки се институционалните одговори на ваквите стории.

Бенјамин Арифи, новинар од телевизија Шења, вината за ваквата ситуација со новинарството ја лоцира во затвореноста на институциите, цензурата и автоцензурата.

„Пред да влезам во новинарството цензурата ја замислував како некој ви става пиштол на глава и ви кажува што да пишувате и како да пишувате. Но не е така. Главен фактор за цензура и автоцензура се релациите на сопствениците на медиумите со разни политички и бизнис елити и структури. Мојата порака до младите е – секој компромис со вистината, не е само компромис со вашиот интегритет и репутација, туку можеби и со судбината на многу луѓе“, вели Арифи.

Истражувачкиот новинар од Словенија, Блаж Згага, вели дека новинарството во целиот регион е во лоша состојба како последица на преземањето на медиумите од домашни олигарси или странски сопственици за кои најважен е сопствениот, а не јавниот интерес.  Идната можна промена, според него, се младите нови новинари со нивниот интегритет и професионалност. Решението за ситуацијата во медиумите го гледа во создавање на нови независни медиуми, за кои главна пречка е финансирањето.

„Едно можно решение е секој граѓанин да има ваучер, самите граѓани да одлучат кого ќе читаат и кого ќе финансираат со јавните пари. Но сигурно е дека приватниот капитал не е решение. Затоа што тој капитал често има приватен интерес кој ги сопира новинарите во потрагата за вистината“, смета Згага.

Токму младите студенти заинтересирани за новинарство беа во фокусот на денешната конференцијата „нова генерација на истражувачки новинари“, организирана од Институтот за човекови права, на која се дебатираше за состојбите со новинарството.

Маргарита Цаца Николовска, претседателката на Институтот за  вели дека сè што е поврзано со слободата на изразување во земјава не е за пофалба. Според неа, со оглед на целата состојба во државата, истражувачкото новинарство е проблематично поради пречките на новинарите во самото истражување како и последици по објавувањето. Смета дека големите парични казни, насилството, а посебно затворањето новинари се апсолутно неприфатливи и според Европските конвенции, но и според македонското законодавство.

„Говорот на омраза е нешто кое, за жал, во Македонија е многу присутно. Жално е што тој говор не се санкционира. Имаме обвинителство и судство кое не реагира на тоа. И каква порака праќаме на младите истражувачки новинари? Да не работат, да не прават стории, да се занимаваат со таков говор? Секаде во светот говорот на омраза е санкциониран“, рече таа.

Опаѓа и интересот за оваа професија. Пред 40 години имало 125 заинтересирани за студирање новинарство, додека денеска само 25, посочува Јасна Бачовска, професорка на студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Според неа, потребен е филтер за тоа кој може да влезе во новинарската професија.

„Постои група на луѓе кои целата своја енергија и кариера ја трошат за да направат нешто со тие новинарски студии, морам да кажам дека немаме општествена и државна поддршка. Дури немаме ни поддршка од медиумите – не ни ги примаат студентите, не ни ги сакаат“, вели Бачовска.

За важноста на улогата на новинарите како „чувари на јавноста“ или како „четвртата власт“ говореа и другите говорници, истакнувајќи дека за развојот на истражувачкото новинарство недостасува амбиент во кој новинарството ќе функционира по универзалните стандарди.

Конференцијата е дел од проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“, поддржан од Европската Унија, а насочен кон младите студенти заинтересирани за новинарство.