Истражувачи шверцуваат семиња од Сирија, за да го зачуваат земјоделското наследство

Уникатна колекција семиња е на сигурно, откако група научници успеале да го прошверцуваат вредниот товар надвор од границите на Сирија, спасувајќи го така земјоделсткото наследство на земјата.

Уште од 2012 година, научниците од Меѓународниот центар за земјоделски истражувања во суви области (ИКАРДА), лоциран во градот Алепо, работеле да ја заштитат својата банка на семиња. Оваа колекција ги содржи некои од највредните семиња, со кои се зачувува древниот семенски материјал, заедно со семе на основни прехранбени производи, како пченица или јачмен. Истражувачите успеале да изнесат 140.000 пакетчиња со семе надвор од земјата, спасувајќи ги со тоа од речиси сигурно уништување.

„“За несреќа, Центарот беше окупиран од војници. Сепак, некои од нив се фармери на кои ние сме им давале семе. Тие го препознаа значењето на Центарот, а знаат дека ние сме аполитични и немаме ништо со Владата“, изјави Д-р Махмуд Сол, началникот на Центарот.

Сирискиот тим успеал да ги пренесе семињата во Либан и во Турција, во соработка со Американскиот универзитет во Либан и Дирекцијата за земјоделски истражувања на Турција.

Иако 87% од семето веќе е удвоено за да се спречат губитоци, 13% од материјалот бил уникатен и постоела можност трајно да биде изгубен, доколку овој напор на научниците се покажел како неуспешен. Дел од работата на тимот било и истражувањето на древни семиња, кои создаваат растенија отпорни на суша и солена почва – тие се витален дел од борбата против ефектите на глобалното затоплување.