Истечени рокови и неисполнети услови при изборот на младински претставник во РИКО

Избраниот македонскиот претставник во Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) Бојана Наумоска, на нерегуларен начин ја добила позицијата, покажуваат документите до кои дојде Националниот младински совет на Македонија од Агенцијата за млади и спорт.  Дел од организациите кои беа во работната група за нејзиниот избор, како и дел од пријавените кандидати за претставник не исполнувале одредени услови, некои од нив не доставиле целосни информации, а имало и случаи каде пријавите се доставени по истекот на рокот. И покрај ова, организациите го искористиле правото на глас и влијаеле во конечниот исход на гласањето.

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) преку барање за информации од јавен карактер доставено на 6 јули до Агенција за млади спорт изврши увид во документите поврзани со изборот на младински претставник во Управниот одбор за РИКО. Тие увиделе дека постоеле значајни пропусти и се овозможило учество на организации при гласање за младински претставник иако не ги исполнуваат критериумите за глас и се поднесени по крајниот рок. Според НМСМ, Комисијата работела нелегално и несовесно при одобрување на кандитатурите и има бројни пропусти и несогласувања во записниците од гласањето.

Кандидатурите на повеќето пријавени кандидати, пак, биле некомплетни и доставени по крајниот рок, вклучително и пријавата на избраната претставничка Бојана Наумоска.

„Постои неконзистенстност и нецелосност на информациите во списоците и записниците на Агенција за млади и спорт за гласањето за избор на Наумоска“, стои во извештајот на НМСМ.

За избор на младински претставник беа отворени два повици. При првиот повик биле примени и прифатени три кандитатури од Агенцијата и тоа на Горан Ѓорѓиев, Миле Димковски и Бојана Наумоска, но повикот беше поништен поради отсуство на кворум при гласањето.

На вториот повик се примени и прифатени две кандитатури – Иво Николовски и Бојана Наумоска, при што е избрана Наумоска.

Сепак, според документите до кои дојде НМСМ се констатирани следните пропусти:

Првата кандитатура на Наумоска не требало да биде прифатена бидејќи е примена по истекот на рокот, исто како и на Димковски. Само Ѓорѓиев ги исполнувал условите на повикот. При вториот повик, кандитатурата на Наумоска е нецелосна, односно не доставиле три писма за препорака, туку само едно, додека кандитатурата на Николов е целосна.

Потоа, постои разлика во бројот на гласови според записниците и списоците за гласање во Агенцијата на гласањето на кое е избрана Наумоска. Во првиот круг списокот покажува дека гласале 45 лица, додека записникот на Агенцијата покажува дека се 43. На списокот со пенкало е допишано уште едно лице кое гласало, но истото се нема своерачно потпишано. Во вториот круг, според списокот на гласање гласале 35 лица додека според записникот гласале 31.

НМСМ веќе реагираше за процесот на избор на Наумоска и од нивна страна таа никогаш не беше признаена, како и од најголемиот дел од младинските организации. Со овие документи тие сметаат дека тоа е оправдано и бараат таа итно да биде отповикана и да биде отворен нов транспарентен, правен и легитимен процес за избор на оваа позиција.

Новиот директор на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски вели дека една од опциите е да се постави привремен претставник за да не се наруши аплицирањето за проекти од септември.

„Во изминатиот период, заедно со НМСМ ја прегледавме целата документација во однос на постапката увидовме многу нерегуларности во однос на роковите и фиктивни организации коишто немале статут во централниот регистар. Во периодот што следи Агенцијата ја разгледува опцијата да поставиме привремен претставник во РИКО организацијата за да не ги испуштиме роковите на 1 септември, за младите да ги почувствуваат сите овие бенефиции што ги дава РИКО. Но, до крајот на годината ќе спроведеме транспарентен и законите процес за избирање на претставник во РИКО“, рече Каевски за Радио МОФ.

„Ќе стапиме во контакт со неа во периодот што следи. Целата постапка ќе ја правиме транспарентно, нема да биде како што се правело претходно – зад затворени врати. Се што ќе правиме ќе биде во соработка со сите засегнати страни“, додаде тој.

Радио МОФ се обиде да ја добие Наумоска, но до објавување на текстот таа не беше достапна на нејзиниот телефон.

Условите за составување на работната група, пак, беа – организацијата да постои најмалку 3 години, во извршното или управното тело да има млади, организацијата да има свое јавно гласило, да е регистрирана врз основа на Закон за здруженија и фондации за Црвен крст и да има тековна состојба и наративен извештај за 2015 со најмалку 5 активности.

Тогашната Комисија била составена од Гордана Цекова – претседател, Александар Пујовски – член и Зорица Стаменковска – член. До нив пристигнале 66 апликации од кои за 52 констатирале дека ги исполнуваат критериумите. Сепак, при прегледување на документите, од НСМС ги констатирале следните пропусти:

  • 12 организации немаат наведено потполни податоци за датумот на основање, со што не може да се провери дали го исполнуваат за најмалку 3 години постоење;
  • 4 организации (Квантум, УМК, ОРО, Конструктор) имаат тековни состојби за 2013 година со што не го исполнуваат условот да имаат тековна состојба од 2015 година;
  • една организација (Таеквондо клуб Гоце Делчев) тековната состојба е извадена еден ден по истекот на рокот за пријавување;
  • 4 организации (Акцент, Едукацион плус, ЛЕО Скопје и Е-Млади( имаат неактивен статус во Централен регистар;
  • 4 здруженија (ОКО, ЦРР- ЈИЕ Струга, Јасна Иднина, Пан Европски Центар Гостивар) доставиле апликација по истекот на рокот за пријавување. Кај Јасна Иднина се забележува и физичка промена на архивскиот број за прием.
  • 2 здруженија (Акцент и Елискри Плус) имаат наведено едно исто онлајн гласило (Фејсбук страна – Заедно против туберкулозата), додека 4 здруженија (ЛЕО Скопје, Едуцатион Плус, Е-млади, Јасна Иднина), немаат онлајн гласило;
  • Кај повеќе здруженија од извештаите не може да се утврди дали имале минимум 5 активности во 2015 година и дали имаат млади во управните или извршните тела, што се два од условите за членство во работната група. Покрај ова, повеќе организации посочиле активности кои календарски се случиле во 2016 година (Совет на млади на Град Скопје, Совет за соработка на Влада со невладини) иако во повикот се бараат активности од 2015 година;
  • Кај повеќе организации се забележуваат идентични одговори во формуларите и урнеците за извештаи.

„Нашата работа беше да заклучиме што точно се случувало, кои нерегуларности биле и се случиле. Сега останува на Агенцијата за млади и спорт да направи една внатрешна ревизија на целокупната ситуација и да се види дали има правна основа за пенали за луѓето коишто учествувале во самата работа и изработката на сите тие документи. Во суштина, преостанува делот да се види како понатаму“, изјави Блажен Малески од НМСМ за Радио МОФ.

Тој вели дека истите документи ги побарале и претходно, но добивале само бледи одговори, односно добиле одговор само колку членови брои работната група.

„Тоа воопшто не го ни баравме бидејќи знаевме колку луѓе има во работната група. Нашето прашање беше какви документи стигнале, во кое време стигнале и дали се целусходни. Тоа во претходните месеци не можевме да го добиеме од претходната гарнитура на Агенцијата. Сега се отворија вратите и можебме да ги потврдиме нашите ставови дека работната група во суштина била контаминирана со околу 20 организации коишто буквално не ги исполнувале условите“, рече тој.

Организациите Јасна иднина и Квантум  – Средношколска унија и се познати на јавноста по листата на невладини кои првично беа избрани да добијат средства од поранешната Влада. Тие уште тогаш беа критикувани бидејќи за нивните активности речиси и да нема податоци. Па така, за Квантум се знае само дека во 2012-та година организирале студиска посета на Агенцијата за млади и спорт за „запознавање со мерките кои се преземаат од македонските институции во поглед на младинската невработеност“.

Здружението Јасна иднина од село Небрегово, Долнени, пак, има интернет-страница, но на неа може да се забележи дека во еден ден (16.04.2017) се објавени четири реализирани проекти во периодот од 2012 до 2016 година. При интернет пребарување на Гугл, се појавуваат повеќе вести од 2009 година, кога ова здружение било посочено од СДСМ како нарачател на медиумската кампања „Отпор кон Бранко Црвенковски“.

 

Документите до кои дојде НМСМ беа презентирани на денешната конференцијата насловена „Патоказ за младински приоритети“ организирана од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), Млади европски федералисти – Македонија (ЏЕФ Македонија) и Младински образовен форум (МОФ). На неа учествуваа и амбасадорите на Германија и Франција.

„Би сакала да им порачам на младите: oстанете вклучени и ангажирани, ова е ваша држава и ваша одговорност. Барајте ги вашите права и бидете упорни“ истакна амбасадорката на Германија Кристине Д. Алтхаузер. На ова се надоврза францускиот амбасадор Тимониер, кој осврнувајќи се на меѓусебната соработка, потенцираше дека Самитот во Трст, кој заврши пред една недела, е значаен за градење мостови на соработка помеѓу државите и народите од Западен Балкан на патот кон интеграција во ЕУ. 

Е.П.