Ирска е прва земја во светот во која граѓаните изгласаа геј бракови

Резултатите од референдумот за измена на Уставот на Ирска, со кој би се дозволиле геј-бракови, покажуваат дека мнозинството граѓани гласале „за“ овој предлог, објави BBC.

Право на глас имаат повеќе од 3.2 милиони луѓе. Ирска е првата земја во светот во која хомосексуалните бракови се изгласани директно, од страна на граѓаните.

Според извештаите од Ирска, на референдумот излегле „невообичаено голем број“ граѓани. Од граѓаните кои гласале во Даблин, речиси 75% го дале својот глас „за“ легализацијата на геј браковите.
Ирскиот министер за здравство Leo Varadkar, кој е првиот отворен хомосексуалец – член на владата, изјави дека кампањата за референдумот била „речиси како општествена револуција“.

Граѓаните на гласачкото ливче биле запрашани дали се согласуваат со тоа дека бракот може да се склучи во согласност со законот меѓу две лица, без разлика на нивниот пол. Референдумот се случува 22 години откако хомосексуалните чинови биле декриминализирани во Ирска. Истополовите заедници, кои не го содржат зборот „брак“ беа дозволени во земјата во 2010.