ИРИ: Раст на оптимизмот, пад за локалната власт, а младите на маргините

Помала напнатост, поголем оптимизам и зголемена ангажираноста на граѓаните, но и загриженост дека граѓаните се уште се прислушувани, дека никој не води грижа за интересите на младите, како и генерална разочараност од локалната власт, покажува последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

44% од анкетираните ја оцениле политичката ситуација како мирна и стабилна, за разлика од анкетата во март, кога ситуацијата била така оценета само од 5% од запрашаните граѓани.

Голем пораст на оптимизмот се гледа и во перцепцијата за европскиот пат на Македонија. На последната анкета, во споредба со онаа од март, 28% е зголемен бројот на луѓе кои мислат дека земјава денеска е поблиску до членство во ЕУ денес отколку кога беше добиен кандидатскиот статус (во март 13%, во август 41%).

„Иако претходните анкети на ИРИ покажуваа голема загриженост и песимизам за стабилноста на Македонија и правецот во кој се движи, резултатите на ова истражување се многу охрабрувачки. Новата Влада треба да го препознае ова како шанса и да ја врати довербата на граѓаните на Македонија и да преземе значајни чекори за да ги адресира прашањата од најголема важност за граѓаните“, смета Јан Суротчак, регионалниот директор на ИРИ за Европа.

Младите се најмалку расположени да гласаат на локалните избори. Од анкетираните на возраст од 18 до 34 години 11% изјавиле дека сигурно нема да гласаат, додека дополнителни 6% изјавиле дека e малку веројатно да гласаат на престојните локални избори.

71% од граѓаните изјавиле дека политичарите немаат слух за потребите и идеите на младите, додека 61% сметаат дека немаат слух за потребите и идеите на жените. Во двете категории се забележува голем раст на ваквиот став на јавноста во однос на анкетата од март – 6% повеќе на прашањето за младите и дури 14% повеќе кај прашањето за жените.

Колку политичарите ги слушаат потребите на младите

Повеќе од две третини (69%) од испитаниците сметаат дека локалната власт во нивната општина треба да се промени. Како најсериозни проблеми со кои се соочуваат во своите општини, граѓаните ги навеле водоснабдувањето и канализацијата, по што следува локалната економија и невработеноста, урбанизацијата и инфраструктурата.

25% од граѓаните изјавиле дека биле вклучени во активности за адресирање на некој општествен или проблем во нивната заедницата, преку протест, приговор или петиција. Ова е највисок процент на потврден одговор по ова прашање на анкетите на ИРИ од 2011 година до сега.

Податоци за задоволството од работата на градоначалниците и општинските совети. Со сино се означени оние кои се изјасниле дека се задоволни од нивната работа, додека со зелена боја се оние кои се незадоволни

Додека на анкетата во март граѓаните биле поделени по прашањето дали им е поважна демократијата или просперитетна економија, кога би морале да изберат само едно (47-47%), на последната анкета поголем број граѓани се одлучиле дека демократијата за нив е поважна од економскиот просперитет (57-40%).

Перципцијата на јавноста драстично се променила по прашањето за фер и демократски избори. Во споредба со анкетата од март, кога 24% биле уверени дека има услови за слободни избори, во август таа бројка се зголемила на 37% од анкетираните.

Поголемиот број на граѓани (46% наспроти 39%) се уште мислат дека некој ги прислушува, односно дека нивните телефонски разговори не се приватни и дека се снимаат од трета страна.

Расте и популарноста на интернетот како основен извор на политички вести (раст од 35 на 39 проценти), иако телевизијата останува доминантен медиум по ова прашање (пад од 89 на 85 проценти), додека на трето место како извор се роднините и пријателите.

 

Истражувањето е спроведено помеѓу 4 и 21 август, преку интервјуа лице в лице, на примерок од 1.105 испитаници.