[Интервју]: Зузана Ванечкова, ЕМФ: Политичарите сакаат „овци“ кои следат, а ние ќе се бориме

Зузана Ванечкова беше еден од панелистите на EYECON конференцијата за младинска вработеност, која вчера се одржа во Скопје. Таа е член на бордот на Европскиот младински форум, кој обединува 100 младински организации од Европа и ги застапува младинските политики во Европската Унија, Советот на Европа и Обединетите Нации.

Во интервју за Радио МОФ, Ванечкова зборува за најавите за „десоросоизација“, младинската невработеност, како и за ситуацијата со младите на глобално ниво.

Во Македонија во моментов, актуелна е најавата за „десоросоизација“. Кој е Вашиот коментар на се погласните најави за пресметки на властите против граѓанскиот сектор и невладините организации во некои европски земји?

Тоа секогаш ме растревожува. Но, од позиција на Младинскиот форум, најважно е да бидеме заедно и да се бориме заедно, затоа што веќе постигнавме многу работи кога имаме поддршка од други младински организации. Овде во Македонија особено помага Националниот младински совет, на кого му даваме максимална поддршка. И во другите земји се обидуваме да го искористиме нашето влијание на европско ниво за да се променат работите.  Понекогаш само споменување на непријатни работи пред лидерите може да помогне.

Ванечкова во обраќањето на EYECON

Повеќето од овие чекори на властите се насочени кон организациите кои критично ги следат нивните активности. Чекори кон замолчување на младите, на активните, на оние кои протестираат. Како гледате на оваа спрега?

Ниту еден политичар не сака некој кој е многу активен, туку сакаат многу „овци“ кои само ќе слушаат, ќе следат и ќе живеат некаков свој комфорен живот. Сметам дека нашата улога отсекогаш била борба за тоа што го сакаме и не се откажуваме. И тоа треба да продолжиме да го правиме. Да – тоа не вади од конформната зона, да – некогаш боли, но, ако гледаме низ историјата, на овој начин сме постигнале многу работи. Понекогаш треба и да се потсетат – кога тие биле млади – ги правеле истите работи, сакале да го менуваат светот. Не смееме да се уплашиме од притисокот, бидејќи нашата борба ќе ја цени следната генерација.

Кај младите, во овој регион на Западен Балкан, може да се забележи силен контраст помеѓу политичката апатија и преголемата партизираност. Како гледате на таа ситуација?

Не би го нарекла тоа апатија, туку мислам дека тие понекогаш не веруваат во формите на креирањето политики. Младите се активни – зборуваат, комуницираат преку социјалните мрежи, дискутираат. Но, понекогаш не веруваат на лидерите. Добро е младите луѓе да учествуваат во политичките партии, но мораме почесто да гледаме дека тие го претставуваат гласот на младите, за неактивните млади да видат дека некој ги поддржува и дека можат да му веруваат. Тоа може да ги мотивира да бидат поактивни.

Сметам и дека лидерите треба да го забележат значењето на младата генерација, затоа што понекогаш го занемаруваат нивниот глас. Не само одново и одново да слушаме дека „ние сме само иднината“. Ние сме исто така и сегашноста и ако не ни дадете шанса сега – тоа ќе влијае на сите.

Во Македонија повеќето од половина млади се невработени. Нивното прашање до Вас, веројатно би било – како овие конференции и говори им помагаат? Како да се промени ова мислење и да се направи нешто конкретно за поголема младинска вработеност?

Не би зборувала само за невработеноста, туку и за квалитетното вработување. Сакаме квалитетни работни места, бидејќи денеска гледаме премногу несигурни вработувања и многу млади луѓе се во социјален ризик поради тоа. Не можам да кажам дека овие разговори не помагаат. Можеме да ја истакнеме „младинската гаранција“, која секако има и одредени недостатоци, но беше изработена во соработка со младите луѓе – за младите луѓе. Не се работи само за убави говори во кои се вели дека сѐ е совршено и дека ние сме супер. Имплементацијата и активностите кои следат се најважни, не убавите фотографирања и убавите говори.

Но, ова овде е исто така важно, затоа што се присутни важни луѓе на кои може да им се постават прашања и да се бара отчет за тоа што го зборуваат. Затоа, не би била негативна околу овие настани.

Zuzana Vanechkova 3

Како „Брегзит“ ќе влијае на младите луѓе?

Кога ќе ги видите статистиките, можете да забележите дека огромното мнозинство млади луѓе гласаа за останување во Европската Унија. Ова беше уште еден пример за тоа како постарите луѓе одлучуваа за животите на младите. Тие сакаа да останат во ЕУ бидејќи ги сфаќаа можностите кои им ги нуди Унијата. Така што тоа беше несреќна одлука, но за нас тоа е и лекција дека мораме да се погрижиме младите да бидат активни во политиката, дека нема да им биде страв да го подигнат гласот и да гласаат. Младите не излегуваат на гласање и тоа е проблем. Не веруваат во демократијата каква што е денес, не чувствуваат дека нивниот глас е слушнат. А политичарите, доста често, едноставно одлучуваат без младите. Така што се надевам дека ќе се спречи младите од Велика Британија да бидат погодени од „Брегзит“, но, за остатокот од Европа ова е лекција да се бориме за нашите права и да не се повтори некој друг да одлучува за нас.

21-от век го одбележаа револуции, протести, младински активизам и период на големи глобални промени…  Како младите да го променат светот на подобро и како самите да си ја креираат својата судбина?

Сите сакаат да „го променат светот“, но можеби најдобро е да се почне од менување на локалната заедница. Може да се направат многу работи само во вашето окружување. На пример, доколку забележите дека околу вас некој користи говор на омраза, ќе направите голема промена доколку се обидете да го спречите во тоа. Овие мали чекори, доколку се обидат да ги прават сите, ќе донесат промена. И тоа ќе биде промена од долу-нагоре, а не наметната од горе.

Само членството во младинските организации може да направи промена – како за вас, така и за другите. Јас сум извиднички водич и секогаш ме прави среќна кога ги гледам децата кои сум ги израснала. Да го видиш влијанието кое си го имал на нив и си ги направил подобри луѓе. Тоа чувство – дека можеш да направиш промена – потоа го пренесуваш на повисоко и повисоко ниво. Така и успеав да бидам активна на европско ниво. На крајот, треба да се почне од нашата заедница, од нашите родители, од семејството, од работодавачот и кога ќе станеме возрасни да не го забораваме тоа. Да се обидеме да помогнеме од таа нова позиција. Кога ќе разгледувате нечија биографија – да не помислите – „ох, премногу е млад“, бидејќи ти си се наоѓал токму на неговото место.

Даниел Евросимоски