[Интервју] Во Македонија недостасуваат crowdfunding кампањи и покрај потенцијалот

Crowdfunding кампањите претставуваат алтернативен начин на собирање средства за поддршка на нечија идеја, кој бележи голем и брз раст во светот . Концептот функционира така што поединец, група на луѓе или организации ја поставуваат својата идеја на една од crowdfunding платформите како Кickstarter, Indiegogo, и најчесто во рок од еден месец, луѓето донираат.

Од невладината организација Лидери за едукација, активизам и развој сметаат дека во Македонија има недостиг од ваквите кампањи, и покрај вештините и потенцијалот. Тоа го потврдува и фактот што прва ваква платформа во Македонија се појавува дури во 2014 година, а досега официјално имало само два успешно реализирани crowdfunding проекти.

Токму поради ова, тие ја организираат првата конференција во Македонија посветена на ваквиот вид кампањи, на која ќе се претстават можностите и капацитетот, а воедно и ќе се запознаат граѓаните со crowdfunding иницијативите. Таа ќе се одржи во сабота, на 11 март, и е отворена за јавноста, но од логистички причини потребно е да се најави присуство и учество на една од четирите работилници, преку пријавување на кратката гугл форма достапна на следниот линк.

Конференцијата е организирана во рамки на нивниот проект „Одржливост преку алнтернативни начини на финасирање“, во партнерство со Final Frontier Games, а во рамки на проектот на Фондација Метаморфозис „Отчетност преку граѓански ангажман“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.“

„Бидејќи нашата позадина се темели на граѓанскиот сектор, свесни сме за големата финансиска зависност на организациите од донаторите и ограничените фондови кои се нудат за нивните идеи. Овој модел на финансирање, во голема мера може да придонесе кон обезбедување на финансиска независност и одржливост. Дополнителен мотив за започнување на оваа иницијатива беа и нашите партнери, тимот на Final Frontier Games, кој преку crowdfunding успејаа да обезбедат 107 000 долари за реализирање на својата бизнис идеја. Ваквиот успех претставува одличен пример и поттик за можноста која се нуди преку crowdfunding“, велат од невладината Лидери за едукација, активизам и развој.

Предност на овој модел на финансирање е што не можат да го ограничуваат фондови или донатори, ниту пак, некој да бара дел од профитот, туку луѓето најчесто донираат бидејќи лично се поврзуваат со идејата, или сметаат дека е корисна за општеството.

„Високата застапеност на интернет пристап и големиот број на интернет платформи за crowdfunding, овозможуваат поврзување на идеите со сите потенцијални поддржувачи на светско ниво. Земајќи предвид дека на светот живеат повеќе од 7 милијарди жители, поголемиот дел од нив се вашите потенцијални финансиски поддржувачи“, забележуваат од невладината.

Како што појаснуваат од Лидери за едукација, активизам и развој, овој концепт постои одамна, иако формата во којашто функционира денес, постои во изминативе петнаесетина години.

„Во Македонија, се појавува многу подоцна, но и ден денес ваквиот концепт не е разработен и препознаен кај нас“, потенцираат од невладината, додавајќи дека на глобално ниво, во 2015 година, се генерирани вкупно 34 милијарди долари преку crowdfunding интернет платформите.

Од невладината сметаат дека за секоја идеја има пазар, без разлика дали станува збор за конкретен производ или за хуманитарна акција, но според нив, важно е да се избере вистинската платформа и да се најде вистинскиот начин за нејзино претставување. Како пример ја посочија кампањата во САД, каде група на луѓе собрале осум милиони долари за реставрирање на капела именувана по Мартин Лутер Кинг.

„Она што е потребно е најпрво да се информираат за постоењето на овој концепт, можностите кои ги нуди и платформите кои ги имаат на располагање. Дополнително, потребно е едукација за начинот и техниките за спроведување на ваков вид на кампањи, како и следење на успешни примери од светот. За жал, во Македонија, многу мал дел од луѓето се запознаени со ваквиот концепт и ги имаат потребните знаења и вештини, што резултира со мал број на кампањи, од кои поголемиот дел неуспешни. Бидејќи, за да се спроведе една кампања потребни се подготовки од 2-3 месеца однапред и целосна посветеност во месецот за кампањата“, сметаат од Лидери за едукација, активизам и развој.

Конференцијата, која ќе се одржи во сабота, ќе го понуди токму ова, велат од невладината. Тие соопштија дека ќе има говорници кои имаат практично искуство и спровеле crowdfunding кампањи.

„Ќе покажеме дека е возможно да се соберат средства за да се реализира една кампања. Исто така ќе имаме 4 различни работилници во исто време каде учесниците ќе можат да бираат која област најмногу ги интересира.Дополнително, водичот за спроведување на crowdfunding кампањи, кој го изработивме и ќе биде промовиран на конференцијата, ќе нуди конкретни алатки и насоки за спроведување на ваков вид кампањи“, велат од невладината.

Но, како и во сите процеси за обезбедување на финансиска поддршка, и овој модел има свои предности и недостатоци.

Според Лидери за едукација, активизам и развој, најголемата предност кај ваквиот модел на обезбедување финансии е тоа што луѓето имаат можност да бидат креативни и да ја претстават идејата на свој уникатен начин, без да се прилагодуваат на апликациски форми и да се занимаваат со административни работи. Дополнително, преку ваквиот начин на финансирање, тие не мора да даваат отчет пред никого, објаснуваат од невладината.

„Важно е да бидете одговорни пред вашите поддржувачи, но повторно, тоа не вклучува здодевна документација. Исто така, ваквиот модел се сведува на обиди и грешки и се учи од истите. Доколку првиот пат не ви успее кампањата, овој модел секогаш ви нуди втора шанса, доколку научите од неуспехот. Од друга страна, овој модел налага многу поголем труд од останатите начини на финансирање. Процесот опфаќа три фази: пред, за време и по завршување на кампањата. Покрај поставување на вашата кампања на некоја од интернет платформите, потребно е да посветите многу труд во промовирање на истата, преку сите можни алатки кои ни ги нуди модерната и развиена технологија“, потенцираат од невладината.

Според нив, овој модел е значаен бидејќи може да им помогне на луѓето да креираат позитивни промени во општеството, но исто така и да заработуваат преку пласирање на свои продукти, па дури и да започнат свој бизнис, а со тоа да се намали невработеноста.

„Сите оние кои генерираат средства преку crowdfunding платформите, исто така имаат обврска кон државата во однос на плаќање на даноците, па на тој начин се придонесува и за зголемување на државниот буџет. Можностите се големи, како за индивидуите, така и за општеството. Како пример би ја навел кампањата каде група луѓе во САД имаат собрано  5 милиони долари за секој ученик да добие бесплатен час за кодирање од страната code.org. Плус да не ги споменуваме сите софтверски идеи за кои се собрани средства а за кои компаниите и луѓето имаат голема корист“, посочуваат од Лидери за едукација, активизам и развој.

Е.П.