[Интервју] Визија: Музиката која ја создаваме е одраз на бунтот на нашата генерација

Во 2015 година беа меѓу најдобрите 10 нови бендови според британски музички магазин, неодамна го објавија својот прв албум „Гласно!“, а утре ќе ги видиме на „Земјотрес“ во МКЦ. Во интервју за Радио МОФ, „Гласно!“ за македонската алтернативна сцена и музиката за бунтот на младите денес, разговаравме со Марко Џамбазоски, Марко Гапо, Лилјана Јанкова и Синиша Ѓорѓевиќ од бендот Визија.

Неодамна беше промовиран вашиот албум-првенче, „Гласно!“. Што сѐ може да се најде на него? Колку време се создаваше и кој сѐ работеше на него?

„Гласно!“ беше промовиран кон крајот на минатата година со концерт во Младинскиот културен центар. Албумот содржи 9 песни, кои се снимени во три различни периоди, во три различни студија со цел албумот да биде најреален музички израз на нашето петгодишно постоење. Дел од албумот го снимивме во Нови Сад, во соработка со продуцентот Алан О’Конел, откако бевме едни од победниците на регионалниот натпревар „Converse Rubber Tracks”, а како награда добивме снимање во студио под британска продукција. Алан важи за еден од најдобрите продуценти за овој вид на музика, а работел со големи светски имиња како што се Пол Мекартни, Duran Duran, Бруно Марс и други, така што навистина ни беше чест да работиме со еден таков продуцент кој одлично си ја заврши својата работа. Секако, имавме перфектна соработка и во Скопје каде што работевме со студентите од ЕСРА, Петар Јанков и Ѓорѓи Мишковски со кого го продуциравме и најголемиот број на песни во неговото студио „Rock & Roll”.

Кои артисти извршиле најголемо влијание на вас како музичари, но и при процесот на создавање на „Гласно“?

Тоа што е важно за Визија е дека сите членови слушаме различна музика: од класичен рок, преку пост панк и њу вејв, па сè до метал.  Тука се Black Sabbath, The Beatles, Joy Division, The Sisters of Mercy, Tame Impala, Архангел, Мизар итн. На листата би немало крај. Имаме навистина различни влијанија, па звукот на Визија е производ на овие различности што секој член ги носи во себе, но не се гледаме како нечии стилски наследници.

Откако постои Визија, сте гостувале на неколку фестивали во соседните земји, а свиревте и на Lake Fest, еден од најголемите музички настани на Балканот. Како публиката надвор од Македонија реагираше на вашата музика?

Предизвик е кога настапуваш во друга држава, каде што никого не познаваш и каде што  публиката искрено реагира на твојата музика. Доколку оставиш позитивен впечаток, значи дека добро си ја завршил работата. Покрај Lake Fest, настапивме и на уште неколку големи фестивали како што се Миксер, Јелен Демофест и Заечарската Гитаријада каде што свиревме пред повеќе од 30.000 луѓе. Бевме навистина добро прифатени на речиси сите фестивали, се чувствувавме како публиката веќе да ги знае нашите песни, и драго ни е што многу често ни пишуваат фанови од целиот Балкан. Оваа пролет планираме да настапиме и на повеќе места во регионот како дел од планираната балканска турнеја, каде што ќе го промовираме нашиот нов албум „Гласно!“.

Како ја оценувате алтернативната сцена кај нас? Лесно ли е за еден нов, млад бенд да се пробие во оваа земја, каде би рекла, комерцијалната сцена расте, а алтернативната „преживува“?

Тоа е и една од причините зошто толку многу македонски бендови се распаѓаат брзо по нивното формирање. Виновникот треба да се бара во медиумите и финансиските моќници кои ги диктираат комерцијалните музички производи. На медиумите им треба пари, очајно им се потребни реклами, се намалува просторот за култура, за вистинска музика и вистински вредности. Убедени сме дека треба да се отвори вентил токму за тие субкултурни пројави за конечно да имаме поуспешна музичка сцена.

Викендов настапувате на „Земјотрес“. Една од целите на овој фестивал е, впрочем, да ја претстави и поттикне независната музичка сцена на Македонија. Зошто сметате дека публиката треба да дојде во сабота и да ги поддржи сиве овие музичари?

Бидејќи бендовите не би постоеле без публика, а публиката не би постоела без бендови.

Во 2015 бевте меѓу десетте најдобри нови бендови, според Emerging Indie Bands. Влијаеше ли тоа позитивно на промоцијата во Македонија, но и надвор од неа?

Секако дека влијаеше, веста дека сме вброени во најдобрите нови бендови во светот од британски музички критичари се проби и во најзначајните македонски медиуми, кои беа прилично резервирани во последните години за новите имиња во рок музиката. Тоа секако беше важно за нас како бенд за кој можеби и повеќе се пишуваше во земјите од бившите ЈУ простори.

Во екот на најголемите студентски протести, свиревте и пред Владата во знак на поддршка на Студентски пленум. Зошто одлучивте да ја поддржите оваа иницијатива?

Местото на младиот човек во општеството е изразено токму преку нашата музика, текстови и енергија. Музиката на Визија е одраз на бунтот на нашата генерација и настапот на студентскиот протест беше одлична можност да настапиме на толку голем собир на луѓе-истомисленици каде што ќе можеме да пренесеме една силна порака, дека вреди да се бориш за својот став и мислење, вреди да се бориш за промени.

Музиката во историјата безброј пати се покажала како „катализатор“ на социјалните промени, а предизвикувала и револуции. Може ли и кај нас, во едно полетаргично општество, да мотивира и поттикне на промени?

Мораме да бидеме трпеливи. Рок музиката во својата основа е бунт и стремеж за промена, сè додека ја има ништо не е невозможно. Денешното време е време за рок-револуција.

Стефанија Тенекеџиева