[Интервју] „Трамвајот наречен копнеж” – претстава за љубовта и човечноста

„Театра“ е еден од малкуте независни театри во Македонија, основан е од неколку девојки и неговата цел не е да предизвика револуција во она кое театарот го носи со себе и го претставува, туку сама по себе да биде форма на оригиналност која ги отвора можностите за иновација во театарот, за негово доживување низ нови призми и перспективи, преку тимови од млади креативци за кои театарот е многу повеќе од штици, зборови и движења. За 3-ти септември е најавена премиерата на нивната најнова претстава „Трамвајот наречен копнеж”. Марија Зафирова, театарска продуцентка која живее и работи во Скопје и е една од основачите на „Театра“ , во интервју за Радио МОФ говори за деталите за претставата како и за работата на овој театар, од самото основање, па се’ до денес.

[Интервју] „Трамвајот наречен копнеж" - претстава за љубовта и човечноста„Театра“ најави премиера на новата претстава „Трамвајот наречен копнеж”, која ќе се одржи на 3-ти септември. Со што се занимава оваа претстава и што е она што ќе се обидете да и го пренесете на публиката?

Точно така, еве сосема на кратко, да не’ илустрираме повеќе од она што самата претстава може да го направи и да го побуди како емоција кај публиката, постојат два главни драмски пункта, љубов и човечност. Копнежот за љубовта е безвременски и постојано се проткајува во драмата. Дали е реален или нереален, дали е за вистинската личност, останува луѓето да погледнат и да расудат. Хуманоста е сведена на сурови животни околности. Па останува да се прашаме: Дали карактерот или средината влијае на хуманоста кај луѓето? Овие прашања, овие чувства, една жестока драма во звуците на блузот сакаме да ја поведе публиката во сржта, лавиринтите, во самиот оган на човечките драми олеснети и продуховени со вечен копнеж.

Колку време ви беше потребно за подготовка на претставата? Со оглед на тоа дека пробите знаат да бидат доста напорни, а понекогаш и забавни, ви се случи ли како на тим нешто што засекогаш ќе ви остане во сеќавање?

Се подготвуваме веќе неполн месец и навистина интензивно се работи со долгочасовни проби. Секогаш мора да се бара забавата и да се има страста за театар. Тие нешта ја оддржуваат и ја надоградуваат креативната мисла и визија. Тоа се двигатели, од нив се раѓа животот во претставата. Додека се работи се случуваат многу непредвидливи ситуации и комични. Една ноќ се вклучија сензорите за движење во клубот Станица 26, па имавме специјален „театарски“ влез на цел тим за обезбедување. Добро, работиме американска драма па логично е да имаме и холивудски, блокбастерски развој на некоја проба, ха ха…

[Интервју] „Трамвајот наречен копнеж" - претстава за љубовта и човечноста

Независниот театар „Театра“ постои неколку години. Со оглед на тоа дека сте релативно мал тим, дали беше тешко да се справите со целиот товар што го носи со себе еден ваков сериозен проект?

Да, не е воопшто лесно но се работи за еден поинаков психолошки пристап и растеретеност. Во секој проект секој вложува толку ентузијазам и верба што тоа прераснува во љубов за да биде пренесена една приказна. А ние сме повеќе од три години на сцената така што луѓето, се разбира, ќе очекуваат и нови аспекти на „Театра“. Товарот стои но како конструктивен страв ублажен со копнеж дека претставата ќе отвори нови концепти за размислување, ќе им подаде свеж дух на имагинација и ќе ги изнесе од театар, среќни.

[Интервју] „Трамвајот наречен копнеж" - претстава за љубовта и човечноста

Направивте повеќе претстави, работилници, радио драми и други проекти. Има ли мотивација и љубов кај помладите генерации кон театарот?

Во нив полагаме голема надеж. Неверојатна е поддршката и интересот што ни доаѓа од нив. Тие ни се важен столб поради кој мислиме дека не чека убава иднина. Но треба да се внимава, секако, младите никако не смеат да се потценуваат. Тие се одлични судии на она што се прави и нивните чувства се неретко искрени. Секогаш бараат свежи содржини или нов, посебен пристап кон драмските приказни затоа што имаат отворен пристап и огромен избор на приказни кои им се нудат во најразлични формати. Така што секако дека ни е важно да ги следиме нивните желби. Како млад театар полека ја градиме нашата традиција на силни темели од младата публика.

[Интервју] „Трамвајот наречен копнеж" - претстава за љубовта и човечноста

Колку е тешко во Македонија да се одржи во живот еден независен театар и што може да очекува од вас публиката во периодот што следува?

Борба, ова е борба во средина во која независната театарска продукција мора да издржи сериозни искушенија и да продолжи напред. Но можеби има нешто здраво во барањато средства за секој можен настан, за секоја претстава. Во тоа што средствата никогаш не ви се гарантирани и одново и одново морате да ги наоѓате од различни извори, фондации. Меѓутоа сето ова е толку слатко подгревано преку комуникацијата со публиката и онаа приказна на духовна размена која се гради на безвременски и силни вредности, човечност, љубов, благородност, нови идеи кои можат да ви покажат како одново и различно да го засакате животот.

Александра Филипова