[Интервју] Тoa што немавме буџет за „Копање“ ни ја ограничи продукциската, но не и уметничката слобода

Наредната среда (28.02), во кино Фросина премиерно ќе биде прикажуван новиот македонски филм „Копање“ (Digging). Филмот е своевиден експеримент – снимен е со речиси никаков буџет. За предизвиците и позитивните страни на снимањето „do it yourself“ долгометражен филм, со Радио МОФ зборуваа режисерите и продуценти Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов од продукцијата МИ Филм.

„Копање“ (Digging) е филм подолг од еден час, снимен без никаков буџет. Како успеавте да завршите еден ваков проект без финансиска поддршка?

Со помош на магија, а таа магија се вика беспрекорна екипа која влезе безрезервно во целото лудило наречено правење филм.

Она што е интересно за филмот е дека е снимен за многу кратко време – само 30 работни часа. На што се должи ваквата брза работа?

Ефикасноста и брзината се должеше на спремноста на актерите, на претходно спремен план на снимање, искуството и сериозноста на севкупната екипа и на лимитираноста.

„Копање“ е доказ дека филм може да се сними дури и кога зад тебе не стои голема продукциска куќа. Мислите ли дека овој успешен експеримент ќе служи за пример и поттик за останатите ваши колеги кои немаат буџет за свои проекти?

Ова пред сè беше голем тест и предизвик за сите нас. Се надевам дека гледајќи го филмот, публиката и колегите ќе може да ја почувствуваат одлучноста и ставот да се направи едно дело – во овој случај филм, а со сето тоа и да се инспирираат да создадат свои дела.

Овој филм е, би можело да се каже, плод на пријателство меѓу повеќе луѓе од иста бранша кои имале волја и желба да направат нешто без тоа да им донесе заработка. Иако тоа е негативна страна, сметате ли дека тоа што нема некој кој го регулира буџетот ви донесе поголема артистичка слобода?

Уметничката слобода мора да постои и во проекти со буџет. Во спротивно создавате некаков збир на подвижни слики според некаков терк. Исто така, уметничката слобода не подразбира раскалашено снимање на бесмислени кадри и сцени кои само ќе изгледаат убаво и притоа нема да учествуваат во мозаикот што ја раскажува приказната. Ние со буџетот што го немавме си ја ограничивме продукциската слобода, но не и уметничката.

Што беше пресудно да се сними „Копање“? Чија беше основната идеја и кој ги собра сите тие луѓе на едно место за да се оствори овој филм?

Желбата и упорноста да се сними филм беа пресудни за снимање на „Копање“. Идејата дојде уште кога почнавме со работа на претставата. Иницијативата ја започна Ивица подржан од Гораст Цветковски, Алек Ѓорѓиески, Кристијан Винклер и Мартин Иванов.  Како се развиваше идејата понатаму така се приклучуваа луѓето кои се сега дел од филмот како екипа и дополнително уште други луѓе кои помогнаа на разни начини. Довербата да споделуваат, работат со нас и да бидат дел од една ваква авантура која сите вклучени ја доживеаа, само ја заокружи целата работа.

Сценариото на филмот е всушност театарска претстава која истата екипа ја има играно. Раскажете ни нешто повеќе за самиот филм.

Да, приказната е преземена од истоимената театарска претстава со некои измени и прилагодувања за филмска адаптација. Филмот е за двајца другари кои не се виделе од своето детство. Се наоѓаат после 16 години и што имаат да си кажат или да премолчат ќе ве оставаме да видите.

Која е пораката која оваа приказна треба да ја пренесе? Би им порачале ли на другите ваши колеги да ризикуваат, да експериментираат и да си докажат себеси дека е возможно нешто да се случи и без поддршка?

Ако не пробаш нема да знаеш дали можеш. Филмот секако е прескапа играчка, но од друга страна исто може да се проба и на ваков начин да се истера целата приказна. Најголемиот проблем мислам дека секогаш е стравот од грешка, и потребата веднаш да се направи ремек дело. Стравот од грешки е опасен по оној што сака да креира и создава. Исто така стравот од судот на публиката и колегите секогаш е тука. Но, доколку се надмине сето тоа и доколку екипата која стои позади идејата е со јасна цел да го направи делото тогаш нема ниедна причина тоа да не се случи.  Денеска сме сведоци на разноразни успешни филмови снимени на различни начини со лимитирани средства,  снимени со моблен телефон, снимени со домашни камери, со мали екипи… А сè повеќе докажани режисери го прават тоа. Стивен Содерберг, Жан Лук Годар, Шон Бејкер, Нејтан Силвер, Томас Винтерберг, браќата Сафдие и ред други се само потврда за тоа. Впрочем за почетоците на Џон Касаветес и Роберт Родригез нема ни потреба да ги споменеме…

Во изминатава деценија, најскапите филмови кои беа поддржани од Агенцијата за филм, не секогаш беа и критички најдобро прифатени. Сè почесто среќаваме млади режисери кои снимаат „инди“ филмови, или пак снимаат во ко-продукција со други земји. Најуспешен ваков пример е „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески. Каква е вашата оценка за ситуацијата за македонската филмска сцена денес? Сметате ли дека е неопходна помош од државата, или е потребна само упорност и снаодливост?

Доколку зборуваме за македонскиот филм денес, не можеме а да не заклучиме дека ситуацијата е испретурена, замрсена, тажна, безидејна и доста пати – антифилмска. Секако дека помошта од државата е добредојдена и потребна но без јасни критериуми, без јасни цели, без конкретна стратегија и идеја како, колку и кои филмски проекти да се подржат ќе бидеме таму кај што сме сега – скоро никаде и ќе имаме само спорадични позитивни изблици како што моментално е „Исцелител“. Сепак филмови како „Иселител“, „Види ја ти неа“, „Avec L’amour“ се индивидуални изблици кои не зависат од системска стратегија за подобрување на Македонската кинематографија, туку од способноста, исреноста и страста на самите автори. Упорноста и снаодливоста е потребна и кога имаш подршка од државата, а да не зборуваме колку е потребна кога воопшто ја немаш.

Со оглед на тоа што немате ПР тим и позната продукција, како планирате да го „протнете“ филмот на фестивали? Како јавноста ќе дознае за „Копање“?

Како и филмот така и ПР-от ќе биде „DIY“ (направи сам). Tоа значи дека ќе ги искористиме сите алатки на денешното време за да направиме ПР, пред сè, тука се социјалните мрежи и мноштвото на портали кои секогаш се гладни за нова информација. Покрај тоа ќе аплицираме на фестивали како и за секој друг филм.

Премиерата на „Копање“ е закажана за наредната среда, на 28-ми. Што потоа, работите ли на нешто ново?

По премиерата одиме со тековни работи околу фестивалскиот живот на филмот и киноприкажување. Покрај тоа до крајот на годината треба да излезат уште два филма работени исто во 2017 година, а се работи за еден документарен и уште еден долгометражен игран филм.

Стефанија Тенекеџиева