[Интервју] Spank: Сé додека постои незадоволство во општеството, ќе постои и панкот

Битолскиот панк-рок/ска бенд Spank, коj изминатиот викенд го промовира својот трет студиски албум „Stuck“, уште еднаш покажа дека панкот не е мртов. Во интервју за Радио МОФ, Мирче Пејковски (бас и главен вокал), Влатко Симоновски (гитара и придружен вокал) и Иле Лулевски (тапани), ги споделија своите впечатоци од создавањето на својот трет албум, зборуваа за плановите и за македонската алтернативна сцена.

Неодамна објавивте “teaser”, третиот сингл од албумот чија промоција се одржa оваа сабота во кафе „Браво“ во Скопје. Како реагираше публиката на „Your God”, „ДаТибам” и „New Day”?

Сите песни беа добро прифатени, но дефинитивно публиката најмногу реагира на песната „ДаТибам“, бидејќи е многу енергична и лесна за памтење. Поради тоа имаме огромен фидбек и комуникација со публиката.

Како се развиваше бендот од формирањето во 2007 година па досега? Дали сметате дека третиот албум е “трета мајка” и што можат да очекуваат вашите фанови од „Stuck“?

Секој бенд има свои подеми и падови, ние имавме тригодишна пауза токму поради тие „даун” моменти. Но, сега, во овие две години работиме со полна пареа и наша цел е да презентираме што е можно повеќе музика. A, конкретно од “Stuck” фановите можат да очекуваат многу енергија, брзи панк-рок ритмови, многу мелодија и текстови кои го дефинираат времето и местото во кое живееме.

[Интервју] Spank: Сé додека постои незадоволство во општеството, ќе постои и панкот

Сметате ли дека во Македонија има добра алтернативна публика? Има ли простор за повеќе алтернативни бендови, или сцената се „дави“ во комерцијала?

Ние сметаме дека има алтернативна публика која знае што е добра и квалитетна музика, а и самите бендови имаат што да понудат. Нашата земја има многу бендови кои можат да застанат рамо до рамо со бендови од светската сцена. Во врска со комерцијалата – секаде ја има, наша цел е да правиме музика што ние ја сакаме и не обрнуваме многу внимание на кичот што нé опкружува.

Панк/ска музиката се толкува како музички израз преку кој се изразува гневот и незадоволството на една супкултура. Правецот на музика кој и вие го негувате е феномен на 80-те, но сé уште има свои следбеници. Можеби звучи како клише, но дали понекогаш сте помислиле дека панкот навистина е мртов?

Дури има какво било незадоволство во самото општество, ќе постои и панкот. Инаку, во панк музиката се изразува секакво чувство, едноставно нема никакви ограничувања и главна цел е човековата индивидуа. Моментално, за жал, живееме во свет на униформи.

Вашиот најнов албум, чија промоцијата се одржа во саботата во Скопје го носи името “Stuck” – Заглавени. Од каде инспирацијата за овој наслов?

Во насловот на албумот сметаме дека би се пронашол секој уметник кој живее и твори во Македонија во време кога квалитетот сé повеќе губи  вредност. Едноставно, живееме во едно затворено општество преполно со табу-теми и политичка презаситеност.

„Идејата за името на бендот доаѓа од животите на обичните луѓе, секојдневните проблеми, суровоста на луѓето“… Вака вели биографијата на бендот. Сé уште ли ја црпите негативната енергија од луѓето и проблемите околу нас и ја преточувате во музика која ви е „издувен вентил“, или пак наоѓате инспирација и во убавите нешта?

Секако дека наоѓаме инспирација и во убавите нешта, но за жал превладува негативната енергија кај народот, кој секојдневно се соочува со проблемите во нашата држава.

Што понатаму? Планирате ли уште албуми, фестивали и свирки, или можеби сте подготвени за концерт?

За понатаму следува концертна промоција на албумот во Битола, каде како гости ќе настапат и неколку локални бендови. По промоцијата ќе се подготвуваме за заедничката европска турнеја со „Новиот почеток“ која нé очекува во јуни оваа година. Во однос на нов материјал  – никогаш не планираме, едноставно креираме.

Стефанија Тенекеџиева