[Интервју со Лудум Лудум] Од сцена – соба до интернационални фестивали

На фестивалот “Лица без маски”, годинава настапува и театарската група од Србија, Лудум Лудум со нивната претстава „Штом ќе ги исполниш соништата, не можеш да живееш во нив”. Тие се група од четворица актери и еден режисер. Радио МОФ имаше можност да поразговара со актерите – Теодора Живановиќ и Милош Јаџиќ, како и со режисерот Петар Ристовски.

[Интервју со Лудум Лудум] Од сцена - соба до интернационални фестивали

Идејата за претставата потекнува од Теодора Живановиќ која сакала да направи нешто ново, да има глумење, пеење, најразлични движења, нешто што ќе биде кореодрама. Ова е третата верзија на претставата, до која дошло поради честите промени на вториот женски лик од сценариото.

„Колку и тимот да се менува, нашите енергии се незаменливи. Што едниот дава, другиот на тоа враќа. Кога еден не е тука, цело тркало се распаѓа” вели Живановиќ.

На почетокот пробите ги изведувале во станот на актерот Слободан Алексиќ кој заедно со актерката Бојана Грабовац исто така е дел од театарската група. Таму ги преработувале сцените, ги усовршувале движењата. Имаат учествувано на фестивал за балкански претстави во Бурса, Турција.

Со оглед на тоа дека првпат собата ви беше сцена, дали сега сцената ја поставувате како соба?

Петар Ристовски: Собата ја гледавме како сцена, а сцената не како соба. Можеби има некои сцени инспирирани од собата но секогаш имавме во предвид дека претставата ќе биде изведувана на сцена. Ни беше во страв во однос на движењата, ако во собата се потребни два чекори за допир, на сцената се потребни десет и тогаш има мал страв дали тој тајминг што сме го испланирале ќе е поклопи, но некако се си дојде на свое место.

Како дојде до ваше учество на фестивалот „Лица без маски”?

Теодора Живановиќ: Праќавме мејлови, баравме на интеренет сајтови, блогови за театарски фестивали на коишто ќе можеме да се вклопиме со нашата претстава. Тоа траеше со месеци, да најдеме фестивали кои се близу, заради пари, затоа што е проблем. Пред се затоа што ние се третираме како музички театар а во суштина сме се во едно. Мислам дека тоа е драгоцено за нашиот театар, затоа што обединивме се во едно, музика, танц, движења и тотално функционира, како една целина, а не е нафрлано. Најмногу би сакала тој жанр да оживее и да се карактеризира и именува како жанр, затоа што сме застанати во времето на операта која е обединувач на сите уметности заедно, но е толку стара и театрална, што сметам дека музичкиот театар треба да биде жанр што ќе ја замени операта.

Каква тематика обработува претставата?

Петар Ристовски: Живот на една личност, од раѓање до смрт. Одбравме пресвртници во животот што се поклопуваат и со нашите животи. Сите се раѓаме во ист облик со исти особини и полека, круто се во животот те влече на различна страна. Тоа се татко, мајка, ќерка и младо момче. Таткото е претставен како некој кој сфатил дека во овој капиталистички систем никој не размислува за себе, туку секој има своја механика, рутина, станува, пие кафе, оди на работа и на крајот од денот пресметува дали доволно заработил. И тоа секој ден се додека апетитите не се исполнат. А тие секојдневно се зголемуваат. Во тој систем вметнуваме љубов со цел да се смени ситуацијата. Кога ќе се појави емотивноста покажуваме како треба да се балансира помеѓу рационално и ирационално. Но распадот на фамилијата влијае на ќерката. Откако таа ќе го запознае момчето, има страв дека и со нив ќе се случи тоа, дека и него ќе го изгуби. Борејќи се со стравот дека ќе се повтори истата ситуација таа се припива до младичот и го гуши. И така предизвикува да го изгуби и него.

Милош Јаџиќ: Многу е важно дека на оваа претстава не можеш да се остане рамнодушен. Се е прилично поврзано и секое движење има своја смисла. Според мене најбитно е дека колку и да е трагичен крајот секогаш треба да се бориш. И да не се водиш само со разумот туку подеднакво и со срцето. Да се има цел, нешто што може да те мотивира во кризни ситуации. Секогаш е битно да се биде оптимистичен. Не сакаме луѓето да ги доведеме во депресија, поентата е секогаш да се снајдеш во секаква ситуација и да го извлечеш најдоброто, тоа е поентата и во теататарот и во животот.

Дали досега некој излегол депресивен од салата после вашата претстава?

Теодора Живановиќ: Бидејќи претставата ја има фамилијарната приказна. Татко што многу заработува, мајка што го сака таткото повеќе од детето. Детете се фаќа за дечкото и го држи црврсто од страв да не го изгуби а всушност тоа го предизвикува. Во тој страв најмногу се препознаваат луѓето и не им е сеедно. Никој не излегол буквално депресивен, но секогаш биле допрени од претставата, не останале рамнодушни. Имаше и луѓе кои ја гледаа два-три пати за да ги фатат пропуштените моменти затоа што се препознале во претставата. Реално луѓето одат во театар да се забавуваат и супер е што ги поттикнавме откако ќе излезат од театарот да размислуваат сеуште за тоа што се случило на сцената, наместо да ги земат своите мобилни, да праќаат пораки на Вибер и рутински да си продолжат со животот.

Дали се идентификувате со нешто од претставата?

Теодора Живановиќ: Да, мене ми се случува додека ја играм да се сетам дека станав намуртена без причина, дека сум испила кафе ради реда. На крајот од денот играш нешто што сам си створил, нешто коешто го критикуваш а сфаќаш дека и сам себе се фаќаш во таква ситуација. Претставата се однесува на секој, од 7 и 77. Имаше случка кога една постара госпоѓа по претставата не прашува кога играте следен пат сакам да ја донесам внуката да ја гледа, зошто го раскажавте цел мој живот. Ги провоцира луѓето, ама не на банален начин, не брка прст во око, туку на фин начин, преку размислување.

Претставата можете да се погледне на 16.09 (вторник) од 20:00 часот во Универзална сала.

Александра Филипова
Марко Ѓорѓиев